Градоначалникот на Општина Центар одржа координативен состанок со директорите на општинските училишта, на кој главен фокус беа препораките за настава без мобилни телефони, одржување редовни класни часови посветени на препознавање и справување со сајбер булингот, како и активно вклучување на стручни лица преку работилници за борба против дигиталното насилство.

Иницијативата за забрана на мобилни телефони во текот на наставата се спроведува успешно, одобрена од наставничките совети, а позитивни реакции пристигнуваат и од педагозите, родителите и стручната фела.

„Со оваа иницијатива, Општина Центар се позиционира како лидер во зачувување на менталното здравје кај децата, обезбедување образование без пречки, поголема концентрација и подобра социјализација. Мило ми е што гледам дека и другите општини почнаа да го следат нашиот пример. Ги почитуваме препораките на УНЕСКО, а класните часови се резервирани за отворени разговори со учениците, препознавање на негативните појави и фокусирање на вистинските вредности“, истакна градоначалникот Герасимовски.

На состанокот беше покрената и иницијатива за почисти и уредни училишни дворови, со вклучување на учениците во одржување на хигиената.

„Важно е да ги мобилизираме децата и да ги поттикнеме да придонесат за почист Центар, започнувајќи од своите училишта. Во наредниот период ќе се реализираат низа активности за чистење уредување на училишните дворови, согласно насоките што ги дава општината. Во зависност од временските услови и загаденоста на воздухот, ќе се спроведуваат соодветни акции. Целта е да ја подигнеме свеста на младите за здрави навики и грижа за животната средина, а воедно да создадеме училишта каде што слободното време ќе се користи одговорно и за подобрување на заедничкиот простор“, нагласи градоначалникот.

Дополнително, се разговараше за воведување училишни униформи од наредната учебна година, откако одлуката беше усвоена на Советот на Општина Центар. Исто така, беше дискутирано за подобрување на училишната инфраструктура и санација на инфраструктурните проблеми.

Градоначалникот одржа и работна средба со менаџментот на општинските градинки, каде што беа разгледани клучни прашања поврзани со подобрување на условите во предучилишното образование.