Општина Центар објави јавен повик за практикантство, отворен од 19 до 29 мај 2025 година. Право на пријавување имаат студенти и апсолвенти од државни, приватни или меѓународни факултети, кои се жители на Општина Центар.
,,Со овој повик им даваме на младите можност за практично искуство и директен увид во работата на локалната самоуправа. Ова е шанса студентите и апсолвентите да се подготват за успешна кариера и да се вклучат во развојот и иднината на нашата општина“, истакна Горан Герасимовски, градоначалникот на Општина Центар.
Практикантите ќе добиваат месечен надомест од 15.000 денари (нето), на кој ќе се пресметува персонален данок на доход, а Општина Центар за проектот обезбедува 1.000.000 денари од буџетот за 2025 година.
Практикантството започнува од 1 јуни 2025 година, ќе се спроведува во општинските сектори и ќе трае до 6 месеци. Ќе бидат избрани вкупно осум практиканти.
Заинтересираните треба да приложат барање за практикантство, доказ за студентски статус, лична карта, трансакциска сметка и кратко CV во архивата на Општина Центар (барака бр. 6), секој работен ден од 09 до 15 часот. Повикот останува отворен до исцрпување на средствата.