Градоначалникот на Општина Центар, Горан Герасимовски, утрово го посети пензионерскиот клуб „Мито Хаџи Василев – Јасмин“ на Водњанска, каде што со пензионерите разговараше за тековните општински проекти наменети за нивното подобро секојдневие. Во пријатна и отворена атмосфера, пензионерите имаа можност да ги споделат своите искуства со веќе достапните услуги, но и да предложат нови идеи што би можеле да се реализираат во иднина.
Герасимовски, потенцираше дека во моментов активни се неколку услуги со кои им се подобрува квалитетот на живот на пензионерите од Центар.
„Повозрасните центарци се задоволни од нашите услуги „Итно копче“ и нега за пензионери во домашни услови „Сервис за стари лица – Центар се грижи за возрасните“. Преку услугата „Итно копче“ на жителите над 65 годишна возраст им обезбедуваме помош во итни ситуации, во домашни услови. Оваа услуга е нова и ја реализираме заедно со Црвениот крст на Град Скопје. Со проектот нега во домашни услови посетуваме 90 домаќинства и во моментов има слободни места, ги повикувам пензионерите да аплицираат за овие бесплатни услуги со кои им го подобруваме секојдневието и квалитетот на живот. Животот е убав во секоја доба, ја возвраќаме грижата за нашите баби и дедовци“, истакнува Герасимовски.
Покрај овие проекти, Општина Центар исто така, овозможува и бесплатни стоматолошки услуги за пензионерите во соработка со Стоматолошкиот факултет.
„Остануваме посветени на подобрување на условите за живот на нашите највозрасни жители, создавајќи услуги кои нудат безбедност, сигурност и подобро секојдневие за сите пензионери. Продолжуваме со нашата посветеност да се грижиме за нивните потреби и заеднички да ги унапредуваме услугите“, изјави Герасимовски.
Посетата беше како дел од активноста што Герасимовски ја најави минатата недела – да ги посети сите осум пензионерски клуба на територијата на Општина Центар и лично да се запознае со потребите на повозрасните сограѓани.
Текстот Герасимовски до пензионерите: Аплицирајте за „Итно копче“, нега во домашни услови и бесплатни стоматолошки прегледи е превземен од МАКФАКС.