Градоначалникот Горан Герасимовски ги поканува сите деца од Скопје, заедно со нивните родители да се приклучат на спортска дружба и забава со познатиот македонски атлетичар Кокан Ајановски. Настанот ќе се одржи во среда, 13 август, со почеток во 19:00 часот кај скалите под Хотел „Парк“ на Кејот на Вардар и е во рамки на проектот „На одмор сум, во Центар сум“.
Дечињата ќе имаат можност да трчаат заедно со Кокан, да научат повеќе за атлетиката и да уживаат во позитивната енергија на спортот.
Герасимовски истакнува дека со овие активности им нудиме на децата што летово остануваат во градот можност за дружење, забава и нови спортски искуства.
„Верувам дека ваквите спортски дружби се најдобриот начин децата да го поминат летото активно и креативно. Нашата цел е да им создадеме моменти кои ќе ги паметат, но и да ги поттикнеме да го засакаат спортот како дел од нивното секојдневие. Спортот не само што го зајакнува телото, туку гради и тимски дух, дисциплина и самодоверба која е важна за развојот на децата. Ве чекаме во среда на Кејот на Вардар“, вели Герасимовски.
Настанот „На одмор сум, во Центар сум“, се реализира во рамки на Програмата за култура на Општина Центар за 2025 година. Целта е да се збогатат спортските, рекреативните и културните содржини за учениците кои не заминале на летен одмор.
Текстот Герасимовски: Детска атлетика со Кокан Ајановски на Кејот на Вардар е превземен од МАКФАКС.