Градоначалникот на Општина Центар, Горан Герасимовски, учествуваше на панел-дискусијата „Перспективи за унапредување на децентрализацијата и локалното управување“, во рамки на Годишната конференција за локална самоуправа и децентрализација.

Во своето обраќање тој ја нагласи потребата од продолжување на процесот на децентрализација, јакнење на меѓуопштинската соработка, активната улога во ЗЕЛС и координацијата со државните институции во интерес на граѓаните.

„Без оглед на различните политички определби, јас верувам дека соработката меѓу централната и локалната власт мора да биде над дневната политика. Децентрализацијата е темел на современото управување, а општината е сервис на граѓаните, не место за политички блокади“, истакна Герасимовски.

Тој потсети дека Скопје во 2028 година ќе ја носи титулата Европска престолнина на културата и дека Општина Центар, како урбано и културно средиште, ќе биде главен домаќин на голем дел од програмските активности. Затоа, како што рече, е неопходно координирано делување меѓу градот, општините и извршната власт уште од раната фаза на планирање, бидејќи успехот на проектот зависи и од начинот на кој Центар ќе ја поддржи програмата што ќе ја претстави државата пред Европа.

Герасимовски ја нагласи и важноста на ЗЕЛС како клучен механизам преку кој градоначалниците ги доставуваат своите предлози и забелешки за закони и политики што директно ги засегаат општините.

Тој потсети на сите законски иницијативи што Општина Центар ги има доставено, меѓу кои предлог измените на Законот за градежно земјиште, иницијативата за измена на повеќе закони со цел општините поефикасно да се справуваат со малолетниот вандализам, прифатената измена на Законот за управување со конфискуван имот со што се овозможува пренамена на дивоградбите во објекти од јавен интерес, како и други предлози насочени кон јакнење на локалното управување.

Текстот Герасимовски: Децентрализацијата е темел на модерното управување, општините не смеат да бидат заложници на политиката е превземен од МАКФАКС.