Градоначалникот Горан Герасимовски информира дека Општина Центар ќе се мобилизира за чистење на јавните површини во Центар откако вчера градот Скопје потфрли во чистењето на сметот на улиците и булеварите под чија надлежност е градот Скопје.

„Вчерашната глетка беше страшна за центарци, недозволиво е центарот на градот да изгледа така поради неизвршувањето на работата од страна на градот Скопје. Решивме да се мобилизираме и самите да го исчистиме Центар затоа што градската администрација подолг временски период доцни со чистењето на градот и нашата општина. Денеска ќе одржам состанок со вработените од јавното претпријатие Паркинзи на Општина Центар – ПОЦ со цел организирање голема акција за чистење на критичните места на територија на општината. Ова не е првпат општината да го чисти сметот на градот Скопје, но не смееме да дозволиме Центар да биде преплавен во смет поради негрижата на градската власт“, порачува Герасимовски.

За потсетување, кон крајот на минатата година, Општина Центар ја исчисти и депонијата во близина на трговскиот центар Ист Гејт Мол иако и таа не беше под нејзина надлежност, туку на градот Скопје.

„И за овој случај, службите на Општина Центар го исчистија натрупаната депонија која беше оставена со години. И тогаш, и сега непостапувањето на градот Скопје нема да се спречи ние да не постапиме. Срамота е и недозволиво ова што се дозволува да се случува во центарот на градот кадешто доаѓаат голем број на туристи. Наместо да бидеме пример за чист град, ние се гушиме во смет. Повторно ќе ги засукаме ракавите се со цел граѓаните да имаат подобри услови за живот. Кога Градот Скопје не може тогаш Општина Центар може“, истакнува Герасимовски.