Дејан Георгиевски од Центар за медиумски развој, во интервју за ЦИВИЛ Медиа на прашањето за состојбата со дезинформациите и пропагандата во нашата земја се осврнува на онлајн медиумите, а ги потенцира социјалните мрежи како главен извор на дезинформации.
„Пропаганда имало од секогаш и секогаш ќе ја има, така што не гледам зошто Македонија на било кој начин би ја избегнала таа ситуација да сме ослободени од пропаганда или од различни центри на моќ кои што сакаат да ја продадат својата приказна“, истакна Георгиевски.
Тој не смета дека има брзо решение во борбата против дезинформациите, бидејќи не е ништо променето на светски рамки, освен можноста за отворање на нови канали, независни од било каква контрола.
„Очекувам од медиумите да ги следат професионалните стандарди и тоа е најдоброто што може да го направат во борбата против дезинформациите. Тоа што ќе го стават да биде проверено и така тие најмногу ќе придонесат за вистинско и реално известување на јавноста“, вели Георгиевски и додава дека не очекува од политичките партии и други субјекти да се откажат од идејата за ширење на лажни вести.
Тој наведува дека би сакал да може да влијае врз центрите кои се извори на дезинформации, но смета дека тоа утопистичка идеја.
„Голем дел на одговорноста е на публиката. Јас сум традиционален корисник на медиуми, односно сум избрал неколку медиуми на кои што им верувам, затоа што мислам дека нивните редакциски стандарди и начинот на работа кој што го применуваат придонесува до пренесување на реални и вистински информации“, вели тој.
Георгиевски очекува од сите граѓани и граѓанки да го применуваат традиционалниот начин на користење на медиумите, но смета дека можеби и тоа е утопистичка идеја, бидејќи се работи за слобода мислење и убедување.