Поранешниот премиер и претседател на ВМРО-ДПМНЕ Љупчо Георгиевски смета дека доколку сите субјекти во земјава, без ралика на политичка, идеолошка или етничка припадност, во периодот на распадот на поранешна Југославија не сакаа самостојна и независна Македонија тоа немаше да се случи.
Порано, нагласува тој, кога бил млад тврдел дека зо земјава имало многу малку енергија за самостојна Македонија, но сега кога ги гледа резултатите и случувањата уште во периодот на формирањето на Југославија и за време на распадот, свесен е дека во таа генерација постоел реален страв кој треба да се калкулира, а бил резултат на репресиите на системот.
-Од друга страна едно е јасно ако таа самостојна и независна Македонија не беше поддржана од сите фактори во таа 90 година, макар дури и пасивно, а не со отпор, Македонија немаше да биде самостојна држава. Значи, имало голема желба кај сите структури независно дали се етнички, политички или идеолошки различни, Македонија да стане самостојна држава, рече Георгиевски на трибината „Патот до незавсиноста“ што на иницијатива на премиерот Зоран Заев денеска се одржа во Владата по повод 30-годишнината од независноста.
Тој вели оти во средбите што ги имал во тоа време како претседател на ВМРО-ДПМНЕ и активностите за независна држава постојано се потенцирало да се прогласи санмостојност, макар и таа да трае неколку месеци.
-Се размислуваше за притисокот од Милошевиќ, дали ќе има упад од ЈНА или не, да се работи на будење на македонските граѓани за самостојност и незавиност и велевме барем два месеца да биде Македонија независна држава, пак ќе има во историјата дека имало самостојна Македонија, рече Георгиевски.
Според него, опстанокот на земјава 30 години со, како што рече, толку маки, премрежија, борби е гаранција дека ќе опстанеме барем во следните стотина години.
-Забораваме колку беше тежок периодот на отцепувањето, при распадот Македонија и не беше некој фактор, но најверојатно доволно добро го искористи тоа за да ја оствари својата цел, бидејќи целта е најважна, а тоа е Македонија да биде самостојна и независна држава. Ако не беше контекстот на распадот на комунистичкиот блок и со тоа распадот на поранешна Југославија нема да ја имавме независна Македонија, рече на трибината Георгиевски кој сега е претседател на ВМРО-НП.
На денешната трибина учествуваат и првиот претседател на македонското Собрание Стојан Андов, поранешниот премиер Љубчо Георгиевски, како и Васил Тупурковски, Љубомир Фрчкоски, Ѓулистана Марковска, Насер Зибери, Џевдет Хајредини, Мухамед Халили и Денко Малески.