Во шорткастот „Што има ново?“ на ИМА, Петрит Сарачини разговара со Билјана Георгиевска, извршна директорка на Советот за етика во медиумите во Македонија (СЕММ), којшто го спроведува Кодексот на новинарите и прима жалби од граѓаните за кршење на етичките и професионалните новинарски стандарди во медиумите.

Според бројките од пристигнатите жалби од 2024 година до Комисијата за жалби на СЕММ, и натаму најголем број се за прекршување на Кодексот од страна на онлајн медиумите. Георгиевска смета дека тоа се должи на повеќе причини.

„Онлајн медиумите се најбројни и најчитани преку социјалните мрежи. Тие немаат никаква регулација засега. Се јавуваат нови и нови постојано – како се поттикнати од изборни процеси и желба да заработат нешто од изборни кампањи нели, кои се овде доста чести, така велиме дека расте бројот на онлајн медиуми како печурки. Тоа не значи дека сите се професионални, сите знаат што е новинарство, сите знаат што е Кодекс, правила на игра и почитување“, истакнува Георгиевска.

Таа посочува дека колегите од двете организации на онлајн медиумите, Про Медиа и Онлајн Медиа, односно околу 130 онлајн медиуми кои доброволно се обврзале да го почитуваат Кодексот, се залагаат да бидат регулирани во законот за медиуми и не сакаат постојано да бидат посочувани како виновник или најголеми прекршители.

„Тие велат, да, во онлајн светот се мешаат и луѓе кои не се новинари, кои дури не можете да ги наречете ниту медиуми. Но, доколку имаат регистрирано фирма што стои зад нив, доколку имаат двајца вработени, итн. ги задоволуваат критериумите да се најдат во овие списоци и, заради тоа, имаме доста непрофесионалци во кругот на онлајн медиумите“, објаснува таа.

За разлика од претходните години кога растеше бројот на жалби до СЕММ, во 2024 година тие се намалени за една третина, и покрај напливот на непрофесионални содржини. Иако нема прецизна анализа за ова намалување, Георгиевска посочува дека за време на изборите имало многу малку жалби до СЕММ, но и до Координативното тело формирано од регулаторот АВМУ и неколку невладини организации од медиумскиот сектор.

„Можно е граѓаните да сметаат дека во изборен процес, кој кај нас трае долго, толку многу прекршоци има на сите страни, што тоа можеби ги обесхрабрува да поднесат жалба и да бараат решение за една грешка, ако ги има толку многу. Но, можно е и да, едноставно, сметаат дека нема резултат од жалбите. Некои од медиумите не го прифаќаат процесот на саморегулација, не се џентлмени да се самокоригираат, да признаат грешка…Има доста во медиумскиот свет, особено кај онлајн медиумите, кои не сакаат да ја објават корекцијата. Тоа, исто така, ги обесхрабрува граѓаните“, смета Георгиевска.

Георгиевска зборуваше и за потребата за осовременување на Кодексот на новинарите и обврската на медиумите да ги модерираат коментарите под нивните објави на социјалните мрежи. Таа се осврна и на позитивната одлука на повеќе медиуми да не објавуваат вознемирувачки содржини поврзани со неодамнешната трагична сообраќајка на „Партизанска“, како и на претходните реакции на СЕММ за медиумското известување за случајот и судењето за двојното убиство на Вања Ѓорчевска и Панче Жежовски.

Погледајте и слушнете повеќе за овие теми во видео шорткастот „Што има ново?“.