Министерот за надворешни работи на Бугариja Георг Георгиев учествуваше на работен појадок на министрите за надворешни работи во четиристранен формат (Б4) – Бугарија, Грција, Романија и Хрватска, кој се одржа во рамките на Неделата на високо ниво и Општата дебата на 80. сесија на Генералното собрание на ООН во Њујорк, jавува БГНЕС, пренесува Трибуна.
Четворицата први дипломати на балканските земји од ЕУ направија преглед на европската интеграција на шесте нивни соседки, кои сè уште се надвор од Унијата, дискутираа за поврзаноста и воената мобилност во регионот.
„Проширувањето на ЕУ е природен приоритет за сите нас. Иако националните позиции по одделните досиеја не секогаш се совпаѓаат, ние споделуваме заеднички стратешки интереси, што претставува солидна основа за тесна координација и соработка околу политиката на проширување и поврзаните прашања од агендата на ЕУ“, изјави министерот Георгиев во своето обраќање.
Бугарскиот прв дипломат дополнително нагласи пред своите колеги дека придржувањето до едногласноста е клучно за зачувување на целината на процесот на донесување одлуки. „Убеден сум дека имаме заедничко разбирање за важноста на добрососедските односи и почитувањето на правата на лицата што припаѓаат на национални малцинства, како суштински елементи од процесот на проширување“.
Министерот Георгиев дополнително истакна дека Бугарија го изоде сопствениот пат за да го прифати Европскиот консензус од јули 2022 година, кој се темели на човековите права како основна вредност на ЕУ. „Ние остануваме решени да се придржуваме кон него и нема да прифатиме никакви постапки од страна на Скопје, политички или правни, насочени кон негово заобиколување, предоговарање или поткопување. Ќе продолжам да инсистирам другите земји-членки да избегнуваат каква и да е нејаснотија што би го охрабрила Скопје да продолжи со неконструктивните постапки и изјави“.
Во однос на поврзаноста Георг Георгиев сподели дека заедно со своите партнери и соседи од ЕУ, Бугарија активно работи на проширување и завршување на патната и железничката инфраструктура, енергетската и дигиталната поврзаност, за да се прошират економските, транспортните и енергетските можности на целиот регион.
Форматот Б4 треба да продолжи, бидејќи претставува добар пример за тоа како регионалните формати можат да придонесат за еден посилен и покоординиран Европски сојуз, особено кога, како во случајот со иницијативата Б4, се става акцент на заеднички стратешки приоритети како проширувањето и поврзаноста, изјави уште министерот Георгиев.