„Мислев ќе стивне, како што стивнувало и претходно, но сега веќе имам должност да ги затворам сите шпекулации, инсинуации, евентуални желби и потреби кои доаѓаат од разни агли на општеството во врска со мој претпоставен ангажман (или желба) за вклучување во активна политика или на некакво раководно место во СДСМ“, објави преку социјалната мрежа Facebook, поранешниот потпретседател на СДСМ, Гордан Георгиев, откако дел од јавноста го посочи неговото име како главен кандидат за нов претседател на владеачката партија.

Георгиев во својата објава потенцира дека откако СДСМ е на власт, нема никакво учество, активитет или улога во партијата.

 

„За волја на вистината, ниту некој побарал суштински совет од мене, ниту пак биле прифаќани моите јавно искажани, и секојпат добронамерни, совети и предлози за подобро функционирање на државата. Сиве овие години, моите ставови за општествените текови јавно ги искажувам преку моите колумни, писанија, јавни настапи и проекти коишто ги работам. За некои ставови сум бил жестоко критикуван, за некои тивко поддржуван. Така и во иднина, мојата активност и порив за подобро и праведно општество, за до-освојување на слободата и за враќање на изгубените или никогаш стекнатите вредности ќе се одвива во овие рамки. Се разбира, рамките се стеснуваат или шират во зависност од општествените и политички околности“, пишува Георгиев