Министерот за надворешни работи на Бугарија Георг Георгиев остварил телефонски разговор со неговиот колега од Република Северна Македонија, Тимчо Муцунски, во кој официјално го информирал за донесената на 30 мај 2025 г. одлука на 51-то Народно собрание на Република Бугарија за напредокот на Република Северна Македонија во процесот на пристапување кон ЕУ, јавува БГНЕС, пренесува Трибуна.

Георгиев изјавил дека со овој акт повторно се потврдува непоколебливата позиција на Бугарија за категорична заложба кон Европскиот консензус од јули 2022 година и се упатува охрабрувачки повик до владата во Скопје за исполнување на постигнатите договори.

Особено важен момент е што со текстот на Одлуката на највисокиот орган во бугарската држава се потврдува дека Софија нема услови надвор од елементите на Европскиот консензус, истакна уште министерот Георгиев и додаде дека тоа е јасен сигнал за конструктивниот пристап на Бугарија.

Истите позиции ги претстави и заменик-министерката за надворешни работи на Бугарија Елена Шекерлетова, која на средба со амбасадорката на РСМ Агнеза Руси Поповска официјално ја врачи Одлуката на Народното собрание од 30 мај, соопшти МНР на Бугарија.

Шекерлетова нагласи дека овој акт ја демонстрира широката согласност што постои во Бугарија во однос на европскиот пат на соседната држава.

По којзнае кој пат, Бугарија покажува дека е доследна во својата поддршка кон Западен Балкан и останува цврсто ангажирана во спроведувањето на договореното меѓу ЕУ и Скопје.

Во овој контекст, заменик-министерката Шекерлетова изрази надеж дека избалансираниот тон во текстот на Одлуката и јасната гаранција дека Бугарија нема дополнителни услови надвор од договореното во Европскиот консензус пакет мерки ќе бидат објективно препознаени и соодветно пренесени во јавниот простор од политичкото раководство на Република Северна Македонија.