Веќе неколку години наназад, администрацијата на Општина Карпош е дел од националната еко акција „Генералка викенд”, па така традицијата на чист Карпош продолжува и денеска. Aкцијата се спроведува во 55 општини на ниво на целата држава. Целта беше да се собере што е можно повеќе отпад, кој потоа ќе се однесе до најблиската Пакомак, Нула Отпад или локалната комунална станица за отпад и каде што потоа ќе се измери количината на собраниот отпад, велат од општината

Предвидено е, за секои 10 килограми отпад, Министерството за земјоделство да донира по едно дрво во својот годишен план за пошумување нови шуми наречени „Сончева гора“ – национални зелени споменици што ќе растат секоја година.

„Ова е акција во која се вклучени сите институции во државата за почиста и поздрава околина, вклучувајќи ги и вработените во општина Карпош, како и лицата вработени кои се грижат за хигиената. Морам уште еднаш да апелирам, бидејќи повеќепати е спомнато но нема подобрување, за пушачите кои ги фрлаат пикавците и златните кесички од кутиите каде ќе стигнат, наместо да го сочуваат во џеп па да го фрлат во најблискиот контејнер или канта за отпад. Покрај ние што се грижиме треба да се грижат и граѓаните. За жал очигледно е дека вработените од ЈП Комунална хигиена дигаат раце и освен што земаат месечна плата, друго ништо не прават. Граѓаните секој месец плаќаат за зеленилото, и за подигање на сметот, но пак контејнерите ни се полни. И покрај тоа што преземавме ние да го одржуваме блоковското зеленило и улици, тие да ги одржуваат булеварите, и тоа не им одговара. По направената контрола неможевме да затекнеме повеќе од 4-5 одржувачи на хигиена од ЈП Комунална хигиена, а исто толку ги има и на ЈП Паркови и зеленило. Јас како градоначалник кој веќе 15 години ја водам општинава, го поставувам прашањето, има ли смила за постоењето на овие две јавни претпријатија, вака како што тие се поставени?! Можам слободно да кажам дека ние сме заробеници на овие две претпријатија со години. Хигиената некогаш била многу подобра но имало моменти кога и била полоша, но во моментов таа е најлоша, благодарение на лошото функционирање на овие две јавни претпријатија“, рече Стевчо Јакимовски кој додаде дека е голем поборник овие две претпријатија да се поделат подеднакво на сите скопски општини и приходите да доаѓаат во Општините, за да може хигиената во секоја Општина да биде на ниво за какво заслужува секој граѓанин.

Тој исто така посочи дека граѓаните на Карпош плаќаат најдобро за одржување на хигиената и комуналните работи, односно над 85% наплата секој месец, што значи дека на овој начин Карпош би имал најдобра хигиена.

Во текот на вчерашниот ден, најмалите излегоа и ги исчистија дворовите на своите градинки, а повозрасните деца, дворовите на училиштата и беа собрани 147 вреќи со пластика, хартија и лименки. Денеска се вклучи целата администрација, вработените кои се задолжени за хигиената, како и дел од волонтерите на Црвениот крст на РСМ. За прв пат оваа година поддршка дава и подмладокот на Ротари клубот – Ротари арт, како и активисти од Сојузот на борци на општина Карпош.