Шефицата на бугарската дипломатија Теодора Генчовска во интервју за Радио Бугарија рече дека Бугарија ќе продолжи да го поддржува легитимното барање на Бугарите во Северна Македонија да бидат вклучени во нејзиниот Устав, заедно со другите делови од народи. Таа, исто така, е категорична дека Бугарија ќе продолжи да инсистира на целосното спроведување на Договорот за добрососедство од 2017 година.
Генчовска подвлекува исто така дека бугарската страна ќе инсистира на напредок во работата на Мешовитата комисија за историски и просветни прашања, посебно во делот за календарот за заедничко одбележување на личности од заедничката историја, за личностите за кои веќе е постигнат договор (Самуил, Св. Кирил и Св. Методиј, Свети Климент, Свети Наум).
Таа додава дека ќе се инсистира и на отпочнување процес за ажурирање на наставната програма во Република Северна Македонија.
Во интервјуто за Радио Бугарија Генчовска обрнува внимание и на некои вандалски акти по прославата на 150-годишнината од раѓањето на Гоце Делчев во Скопје, кои ја отвораат темата за спротивставување на говорот на омраза, што е важен предуслов за разрешувањето на другите спорни теми.
Првата дипломатка на Бугарија потсетува и на желбата од страна на Софија, граѓаните на РС Македонија кои биле прогонувани од југословенскиот комунистички режим заради својата бугарска самосвест да бидат рехабилитирани. Еден од важните услови според Генчовска за напредок во билатералните односи е остварување на опипливи, одржливи резултати во процесот на враќањето на довербата.
Генчовска изразува оптимизам во однос на брзото решение на отворените прашања, но подвлекува дека тоа зависи од добрата волја и желбата да биде постигнат напредок на двете страни.
Извор: Трибуна