Јакимовски сака да игра во квалификациите, но прашање е дали неговиот универзитетски тим од НЦАА лигата ќе го пушти. Вајли би требало да допатува од САД и да игра за Македонија – вели спортскиот директор Тодор Гечевски
Македонската кошаркарска репрезентација во февруари ги игра решавачките четири меча од квалификациите за Европското првенство 2022 година. Во „теснец“ од пет дена треба да одиграме четири средби на турнирот во Перм, Русија, по кои ќе се знае дали репрезентацијата ќе игра на ЕП. Во таков густ распоред важен е секој играч, а најголемо прашање што се однесува до составот во овој момент е дали во тимот ќе бидат Андреј Јакимовски и Џејк Вајли.
Обајцата можат многу да помогнат. Бекот Јакимовски (19, 202) игра во одлична форма во НЦАА лигата за Универзитетот Вашингтон стејт, но прашање е дали неговиот тим ќе го пушти да настапи за Македонија во тој период. Крилниот центар Вајли (26, 203), новиот Американец во нашата репрезентација, кој е уште нема минути во црвено-жолтот дрес, неактивен е два месеца.
Откако беше позитивен на ковид-19 пред квалификацискиот турнир во Талин на крајот на ноември, каде нашата репрезентација отпатува, но не настапи, поради неколумина заразени, Вајли, кој беше позитвне на ковид-19, нема одиграно ниеден меч. По карантинот тој зеде пауза од клупските обврски во Гран Канарија и замина за САД, каде што е сè уште.
Спортскиот директор на Кошаркарската федерација на Македонија Тодор Гечевски информира дека ќе стори сè овие двајца да се најдат во репрезентацијата.
– Се слушнав со Јакимовски и тој има желба да дојде. Пративме барање до колеџот и чекаме одговор дали ќе го пуштат. Ќе се обидеме на секаков начин да го убедиме колеџот да го пушти да игра. Не се откажуваме лесно од него.Тој е во одлична форма и може многу да помогне. Ќе имаме густ распоред во Перм, ќе мора да се дели минутажата. Тој е во потесниот избор, а и не може Војдан Стојановски, Ненад Димитријевиќ да играат по 40 минути. И така четити меча во пет дена. Ќе мора да се дели минутажата. Колеџот не е обврзан да го пушти. Сè е до нивната добра волја. Немаме правни основи да се жалиме ако не го пуштат – вели Гечевски, кој информира дека Вајли треба да биде во тимот.
– Вајли е во САД. Ќе дојде порано во Скопје. Во комуникација сме со неговиот менаџер да дојде порано и да тренира повеќе. Моментно има семејни проблеми и не игра. Не сум сигурен дека ќе се врати во неговиот клуб Гран Канарија во овој период, но имаме ветување дека ќе дојде во Македонија и ќе биде на располагање за февруарскиот турнир во Перм – вели Гечевски.
Другите играчи би требало да бидат на располагање. Репрезентацијата ги почнува подготовките на 8 февруари во Скопје, а на 14 февруари патува за Перм. Турнирот почнува на 18. а трае до 22 февруари. Наши противници ќе бидат Италија (двапати), Русија и Естонија, а потребна ни е најмалку победа над Естониците изразена со двоцифрена разлика, за да се надеваме на пласман на ЕП 2022. Македонија е последна на табелата во групата Б без победа по два меча.