Владимир Перев
Мојата генерација релативно рано се запозна со ликот и делото на Јозеф Гебелс, човекот чие име стана синоним за брутална и бескрупулозна пропаганда. Некаде во средината на шеесетите години, српските и хрватските издавачки куќи преведоа од неколку странски европски јазици обемни книги и материјали за Гебелс, Геринг, Хитлер и другите раководители на Третиот Рајх. Право речено, материјалите беа прочитани и добро продискутирани, ама никој не искажа некое големо чудење или восхит/омраза од ликот и делото на творците на нацистичка Германија. На сите преку глава ни беше од вечните, се исти ветувања на комунистичката југословенска власт за “правда, еднаквост и подобро утре“, така што бевме со дебела одбрамбена корупка во однос на пропагандата. Ах, тој чаробен збор-пропаганда, толку многу љубен до обожавање од секоја власт, а толку одбегнуван од истата, како да станува дума за нешто одвратно, нечесно и мрско…сепак, практикувано нависоко и нашироко. Потоа дојдоа студиите и социолошките истражувања на институтот “Галуп“ на кои им верувавме безрезервно, за да разбереме дека сепак станува збор за исто така, еден вид манипулација, но сега обвиткана во прекрасна, шарена опаковка. Од таа позиција, несреќниот Гебелс ни изгледаше далечен, наивен и лекоумен, како и секој човек кој е убеден дека неговите заблуди се единствената вистина. За да се самоубиеш, заедно со целото свое семејство, треба навистина да си разочаран во резултатите од своето дело. Да беше жив, денес ќе се гордееше со своите последователи, барем во балканските држави, единствените кои не преминаа во капитализам, ами останаа во “темната зона“ на нерегламентираниот посткомунизам/постсоцијализам.
Баш деновиве, кога се слави или осудува влегувањето на бугарските војски во Македонија во 1941 година, скопскиот институт за социолошки истражувања “Евротинк“ ја донесе фрапантната вест, резултат на нивното истражување дека “само“ 51% од македонците ја сметаат Бугарија за нивни непријател. Простачка гебелсовска итроштина, па колку треба да кажат дека Бугарија е непријател, дали треба да се 90% или цели 100%, за некој да каже какви се навистина односите меѓу двете држави, кои не можат да се разберат за елементарни нешта. Не, сето ова е само служење на тековната бугарска политика и давање “ветер во грб“ на партии и поединци кои бараат хаотична промена на политичката ситуација во Бугарија. Просто кажано, по македонски, “да, сега односите ни се добри и ние ве сакаме, затоа што на изборите ги сметнавте од власта Бојко Борисов, Екатерина Захариева и Красимир Каракачанов…така по лесно ќе се разбереме со вас“.
Некако истовремено на БНТ гледавме “Историја бг.“ каде група историчар правеше напори да го објасни влегувањето на бугарските војски во Македонија, лавирајќи меѓу термините “ослободување“ и “окупација“. Само ден покасно неизбежниот и во Македонија (не)омилениот Стефан Дечев, во svobodnaevropa.bg објави подолга статија за истиот проблем, стварајќи се нови и нови дилеми за предзнакот на бугарската управа на Македонија 1941-44 година, како и за страничните и небитни отпори кон неа. Овој пат проверениот соросоид беше умерен до извесна степен, но овде никој не може да разбере, каква е таа желба на соросоидните и левичарски настроени бугарски интелектуалци да се посипуваат со пепел по главите и да се залагаат за некакво “планетарно извинение“ заради германскиот геноцид врз македонските и тракиските евреи, каде што бугарската армија била само орудие во рацете не СС и Вермахтот, а македонците, чиновници во тоа време во “окупаторската“ бугарска администрација, биле десна рака и на германските и на бугарските институции. Светски е познато дека поголеми погроми врз евреите на овие територии извршија и грците во Солун, и србите во Белград и Србија, а за хрватите од НДХ не се осудуваме и да разговараме. И што е најважното, ниедна од овие држави не ги спаси нито еден од своите евреи, како тоа што го направи Царство Бугарија.
Во македонската и за жал во бугарскта политика, денес Гебелс се толкува и применува на примитивен начин, со голо лажење во убава опаковка, сосема согласно со нивото на политочката свест на нашите народи. Затоа и сме во таа позиција. СФРЈ во титовото време, а особено по него, тргнаа во една друга насока, во имплементирање на вредностите на гебелсовштината, визуелизирана со маестралните достигнувања на Лени фон Рифенштал. На народот му понудија кино, каде сите борби беа херојски, секој пораз беше победа а конкретно србите, беа најголемиот народ на светот, како во победите, така и во поразите…порази претворени во победи. Прво се снимаа партизански филмови, за потоа да се помине кон филмови кои ја критикуваа народноослободителната борба и комунизмот, за на крајот да се заврши со спектакли од типот на Косовската битка. Кој не знае историја, а го гледа филмот, сигурно ќе разбере дека србите се победниците во битката. Снимија и многу филмови за Првата светска војна, во кој Србија и српството се прикажаа во светлината на “маченички народ, неправедно нападнат од непријателите, но секогаш победник во битките“, за во овој момент да тече серија за ликот на кралот Александар Караѓорѓевиќ, злосторникот кого актуелната српска власт сака да го претстави како маченик за добробитта на сите јужнословенски народи. Тоа е духот на Гебелс, обработен, разбран и применет на највисоко интелектуално ниво.
Каде сме ние тука? Па нели сме еден народ, нели заедно сме делеле и добро и зло, и порази и победи цели 1340 години, освен последниве стотина години. Останати сме на опашката на историјата и на пропагандата, па макар колку тоа да звучи непријатно. Кога ќе направиме филм за битката на Брегалница…знам Дебелјанов пишувал, ама ние не читаме. Не треба да се срамиме дека битката е загубена, загубена е и битката на Кајмакчалан, ама за херојството на бугарските војници и офицери може да се чита и во српските весници. Имаме ли филм за Борис Дрангов, човекот кој со последниот випуск на своите питомци од Военото училиште заминува на фронтот. Го губи животот во неговата Македонија. Имаме ли намера да снимиме филм за одбраната на Беласица, на месностите Тумба и Дуб каде што британските и француските трупи, заедно со нивните колонијални војски трпат тешки загуби…таа позиција не е загубена. Ако западот го сними филмот “Галиполе“, судбинско место на нивниот пораз и неспособноста на сопствениот генерал, тогаш ние треба да снимиме филм за нас, нашите победи, нашите галиоплски порази, да го визуелизираме херојството и единството на нашиот народ во тие судбински моменти. Сите сме биле таму, и македонци и тракијци и добруџанци, сите сме се радувале на победите и тагувале по мртвите и по нашите порази. Тоа е нашата општа историја.
Сите знаеме дека има пари за таа намена, само нема добра волја и намера. Бугарија се занимава со поддржувањето на своите паметници на “Аљоша“, или пак за нивното “хумано“затворање во вид на некаква пирамида или раноримска некропола. За тоа има пари. Ако е така, нека се сними филм за “ослободувањето“ на Бугарија од фашизмот од страна на советската армија, а за подлошка на сценариото да се земе книгата на Христо Троански, “Убиствено црвено“. Судбината на Бугарија во таа книга ќе биде најголемото извинување до македонците, евреите, англичаните па ако сакате и асирците и египтјаните за се она што тие мислат дека бугарите им го направиле. Знаеме, тешко ќе оди со тој филм, тешко е и со тие книги и таквата поезија. Не, тука не е Гебелс, тука се среќаваме со неговиот брат-близнак Жданов, толку многу познат на нас и сеуште таинствен и недопирлив. Тој е притаениот полицаец на нашиот дух, тој е напивката на сопствениот самозаборав. И за да не се пробудиме од безумниот сон, тој не држи во позиција на вечна вина за стореното и нестореното, како езотерично чувство за сопственото ослободување.
Не гледајте бугарски филмови, им велам на пријателите на мојот син. Таму нас не нема, единствено сме присутни во “Мисија Лондон“ кога ги крадеме гуските, а најмногу кога ја палиме амбасадата…таму навистина си личи дека сме еден народ. Иначе, гледајте те го “Оркестар без име“, тоа сме вистинските ние, иако не сме споменати како македонци и бугари, ние, вечно на патот на далаверата и недореченото.