Коосновачот на Мајкрософт, Бил Гејтс во интервју за Си-Ен-Ен изнесе лоша вест за сите оние кои оптимистички гледаат на вакцината, дека би ставила крај на пандемијата.

-За жал, следните четири до шест месеци ќе бидат најлошиот период на пандемијата, кажа Гејтс и додаде дека предвидува дека само во Америка битката со вирусот ќе ја изгубат уште најмалку 200.000 луѓе. Сепак, тој истакна дека голем број смртни случаи можат да се избегнат ако носиме маски.

Гејтс во интервјуто кажа и дека вирусот може да се покаже и пофатален од сега, но го изненадило погубното влијание кое пандемијата го има не само врз американската туку и врз светската економија – многу поголемо отколку што самиот Гејтс прогнозираше пред пет години.

Фондацијата Бил и Мелинда Гејтс вети дополнителни 250 милиони долари за развој на вакцина против коронавирусот која би била поевтина и подостапна за сите. Фондацијата на Гејтс веќе донираше 70 милиони долари помош во ноември, а со новата донација за борбата против пандемијата вкупно имаат донирано 1,75 милијарди долари.

Сепак, Гејтс пандемијата ја обележа и како главна мета на различни теории на заговори, од кои секако најпопуларна беше онаа дека тој сака да нè чипува со вакцините.

Како еден од најбогатите луѓе во светот Гејтс долго време е мета на напади на интернет, но во последните месеци нападите против него се интензивираа на социјалните мрежи од различни страни, од антиваксерските групи до поддржувачите на неверојатната теорија на заговор која го поврзува новиот коронавирус со 5Г технологијата.