Општина Гази Баба започна со активности за обележување на пешачките премини на локалните улици, со цел унапредување на безбедноста во сообраќајот и подобрување на сообраќајната сигнализација во урбаните заедници.
Вчеравечер, екипите на Јавното комунално претпријатие „Гази Баба“ извршија обележување на пешачките патеки во населбата Железара, како дел од поширока акција за системско одржување и обнова на хоризонталната сигнализација.
„Пешачките премини имаат суштинско значење во сообраќајната безбедност, особено во урбаните средини каде што е зголемен интензитетот на сообраќај. Тие претставуваат клучен елемент во заштитата на пешаците, особено на децата, повозрасните лица и лицата со попреченост. Обновената и јасно видлива сигнализација значително придонесува за зголемена безбедност и поефикасно функционирање на сообраќајниот систем.
Денес активностите продолжуваат во населбата Автокоманда, а во текот на следните денови ќе се реализираат и во останатите урбани заедници низ општината“, соопшти Општината.
На терен, заедно со екипите до доцна во ноќта, беа и градоначалникот на Општина Гази Баба, Бобан Стефковски, како и директорот на ЈКП „Гази Баба“, кои лично го следеа спроведувањето на акцијата и ги поддржаа теренските тимови.
Текстот Гази Баба започна акција за обележување пешачки премини е превземен од МАКФАКС.