Тренерот на Наполи и македонскиот репрезентативец Елиф Елмас, Џенаро Гатузо по натпреварот од 14 коло во Серија А против Торино (1:1), информираша пред јавноста дека има автоимуна болест – мијастенија. Тоа е нарушување кое влијае на неговиот квалитет на видот.
– Страдам од мијастенија. Десет дена не бев свој и сакам да им кажам на децата кои се плашат кога ќе се случи нешто невообичаено или кога не се гледаат добро во огледало, дека животот е убав и мора да се соочите со него без страв и криење.
Во секој случај, жив сум, иако имам слушнато гласини дека имам уште еден месец живот. Сакам да им кажам на сите дека не е толку страшно и дека не умирам. Лекарите ме уверија дека сè ќе се врати на своето место. Да, сега не е баш убава глетката, но ќе помине, оптимист сум – рече стратегот на „наполитанците“.
Тренерот на италијанскиот клуб ја има поддршката од сите во Неапол и го додаде следново:
– Момците се тука за мене, иако скрив сè последниов месец и се борев. Не е лесно, само лудак како мене може да стане и да продолжи да работи – се зборовите на Гатузо.