Особена чест што сум денеска тука, заедно со моите колеги, претседатели на парламенти на демократски држави, сите обединети во поддршката на Украина и Крим за зачувување на територијалниот интегритет и суверенитет и одбрана од руската агресија, истакна претседателот на Собранието, Африм Гаши на Третиот парламентарен самит на меѓународната кримска платформа.
Оваа битка, потенцира во говорот Гаши, не е и не смее да биде битка само на Украина.
„Ова е и наша битка, битка на сите демократски сили, затоа што мора здружено и обединето да се спротивставиме на сите оние кои сакаат со непочитување на територијалниот интегритет и суверенитет, и со непочитување на меѓународното право и принципи, преку агресија да освојуваат туѓи територии и притоа да нанесуваат голема неправда и големо злосторство врз невините граѓани“, рече тој.
Со нашето присуство тука, ние денеска , појасни првиот човек на Собранието, ја потврдуваме нашата непоколеблива посветеност на принципите кои нѐ поврзуваат заедно: почитувањето на територијалниот интегритет, суверенитет и правото на самоопределување.
„Ситуацијата на Крим не е само регионална грижа; тоа е глобален предизвик за меѓународниот поредок заснован на правила.
Тековната окупација и анексија на Крим од страна на Руската Федерација претставува очигледно кршење на меѓународното право и наша колективна одговорност е да се справиме со оваа неправда.
Денеска, кога сме собрани овде на едно место за да ја изразиме нашата цврста поддршка не само на Украина и Крим, туку и за демократските вредности кон кои сите ние се стремиме слобода, мир и почитување на човековите права одбележуваме еден значаен јубилеј, а тоа е 80 години од депортацијата на Кримските Татари од нивните древни огништа.
Важно е да се сеќаваме на овие трагедии, да зборуваме за жртвите, за траумите и за последиците од тие трауми, за ваквите злосторства да не се повторуваат“, додаде тој.
Гаши уште еднаш ја потврди македонската подршка за Украина.
„Дозволете ми на крајот, во мое лично име, и во име на Собранието на Република Северна Македонија уште еднаш да ја потврдам нашата поддршката за украинскиот народ и држава со сите наши можности, сѐ до целосна слобода на Украина“, истакна тој.