Собранискиот спикер Африм Гаши оценува дека во правосудството се потребни подлабоки реформи но дека треба да се внимава.

„На сите граѓани им е јасно дека реформи во правосудството ни се потребни и тоа подлабоки, но, да внимаваме тие да бидат содржајни и реформи кои одат кон подобро. Затоа што неколку пати сме пробале, така избрзувајќи и не сме донеле решенија кои се одржливи и долгорочни. Овој пат сакаме да внимаваме и пристапот е поинаков“, истакна Гаши.

Одговарајќи на прашањето дали Собранието има ингеренции да разреши членови на Судскиот совет, тој појасни дека треба да се испочитуваат сите институции и да се дојде до заедничко мислење, па потоа со заеднички став да се реши проблемот.

Темата за смена на Судскиот совет како што вели е комплексна а проблемот според него треба да биде долгорочно решен.

„Сме во консултации со повеќе експерти и институции и сакаме да дојдеме до издржливо решение“, вели Гаши околу можното разрешување на Судскиот совет.