Претседателот на Собранието, Африм Гаши, нема зборови за утеха по пожарот во Кочани во кој загинаа 59 лица, а околу 140 се повредени. Тој по посетата на пациентите сместени во Клиниката за хируршки болести „Св. Наум Охридски“ рече дека треба да сме сплотени за како држава да помогнеме на семејствата.

„Многу голема трагедија, тежок ден за сите нас. Не можам да најдам зорови за утеха. Изразувам најдлабоко сочувство на сите семејства на починатите и на повредените деца. Треба денеска сите да сме сплотени заедно и да направиме се што можеме како држава, како институции, да помогнеме на семејствата. Навистина немам повеќе зборови, не знам што да кажам. Заедно со директорот ги видовме пациентите, изразувам благодарност до медицинскиот персонал до директорот и сите доктори кои навистина многу професионално ја извршиле својата работа. Тежок ден, се надевам дека ова никогаш нема да и се повтори на нашата држава“, рече Гаши.

Во болницата „Св. Наум Охридски“ се сместени 29 повредни во пожарот во Кочани. Двајца се на респиратор, а останатите засега се во стабилна состојба.