Претседателот на Собранието на Република Северна Македонија, Африм Гаши, денеска во неговиот кабинет го прими Амер Капетановиќ, генерален секретар на Советот за регионална соработка.
Во оваа пригода, претседателот Гаши му упати честитки на Капетановиќ за неговото назначување за генерален секретар на Советот за регионална соработка во време на македонското претседавање со Процесот за соработка во Југоисточна Европа. Претседателот укажа на потребата од интензивирање и продлабочување на регионалната соработка како и подобрување на меѓусоседските односи во Регионот, особено во време на геополитичките промени во светот, со цел зачувување на мирот и стабилноста во Регионот.
Тој потенцираше дека Република Северна Македонија посветува големо внимание на регионалната соработка, како клучна компонента за евроинтеграцијата на Регионот и во континуитет активно учествува во работата на регионалните организации и иницијативи.
Капетановиќ укажа дека Советот за регионална соработка има оперативна улога во Процесот за соработка во Југоисточна Европа и претставува вредна политичка платформа која придонесува за стабилизација на Регионот, но и за економски развој и социјален напредок на сите земји од Југоисточна Европа. Таа соработка се фокусира на работите кои го обединуваат Регионот врз основа на принципот на инклузивност. Соработката е заснована на реалните потреби на сите граѓани во регионот и има тенденција на поголемо вмрежување меѓу граѓаните, компаниите и институциите во регионот преку регионални иницијативи.
На крајот соговорниците ја поддржаа парламентарната димензија во сите процеси на регионално здружување, со можност во иднина Република Северна Македонија да биде домаќин на повеќе тематски конференции, како што се: дигитална трансформација, парламентарна дипломатија, како и соработка за формирање на регионален центар за брза интервенција.