Претседателот на Собранието Африм Гаши денес оствари средба со Делегација од Сојузна Република Германија, предводена од Томас Хакер, пратеник во Германскиот Бундестаг. Во состав на Делегацијата беа и Нилс Хеле-Маер, потпретседател на Универзитетот Хумболт во Берлин, Рајнхилд Шорнак, раководителка на Одделот за меѓународни работи на германскиот Бундестаг и Кевин Мас, раководител на Одделот за култура, образование и печат во амбасадата на СР Германија.

Гаши, посакувајќи им топло добредојде во Собранието на Република Северна Македонија, особено ја издвои и се заблагодари за континуираната поддршка и силното партнерство со Сојузна Република Германија за нашиот евроатлантски пат. Информираше за неодамнешната посета на Берлин и разбирањето од страна на германските политичари за актуелниот статус на нашата земја во поглед на зачленувањето во ЕУ, потврдено со Резолуцијата на Бундестагот, со која се оддава посебно значење на македонскиот јазик, идентитет и култура како додадена вредност во самата Унија. Претседателот изрази посебен интерес за динамизирање на соработката во иднина меѓу двата парламенти на сите нивоа, покрај актуелната соработка во доменот на независното собраниско обезбедување.

Пратеникот Хакер посочи дека неговата земја со конкретни чекори ја обновила посветеноста за продолжување на процесот на проширување преку назначувањето на специјалниот пратеник Мануел Сарацин за Западен Балкан и преку Берлинскиот процес, а од неодамна и преку формализирањето на неговата парламентарна димензија, со која се обезбедува директна вклученост на пратениците кои се народни избраници, во донесувањето на одлуки во овој процес. Како еден од тројцата иницијатори на Резолуцијата која беше донесена во Бундестагот, Хакер посочи дека целта на ваквиот чекор на издвојување на нашата земја, што не е пракса во Бундестагот, е да се стави до знаење дека посебноста и различностите на еден народ мора да се вреднуваат и почитуваат од страна на сите земји членки на Европската Унија.

Делегацијата, во текот на посетата, изврши избор на ИПС стипендисти за 2025 година од нашата земја. Собранието на Република Северна Македонија беше особено пофалено за можноста која им ја нуди на стипендистите, пред нивното заминување на стаж кај германски пратеник, да престојуваат во пракса и одблиску да се запознаат со начините на парламентарно работење и и овие искуства да ги искористат во самиот Бундестаг.