Претседателот на Собранието, Африм Гаши, оствари средба со Делегација на Меѓупарламентарната група за пријателство Шведска – Северна Македонија на шведскиот Риксдаг, предводена од претседателката на Групата, Лота Џонсон Форнарве.

На средбата присуствуваше шведскиот амбасадор во нашата земја, Ола Солстром, како и претседателката на Пратеничката група на Собранието за соработка со Парламентот на Кралството Шведска, Дафина Стојаноска.

Претседателот Гаши ја истакна долгогодишната поддршка и пријателство на Кралството Шведска кон нашата земја, нагласувајќи дека односите меѓу двете држави се темелат на заемно разбирање, доверба и почитување.

Посебно беше изразено задоволство од формирањето на Групата за пријателство со Северна Македонија во шведскиот Риксдаг, што претставува важен чекор кон унапредување на парламентарната соработка.

Пратеничката Дафина Стојаноска упати благодарност за континуираната шведска поддршка за стратешката цел на нашата земја – полноправно членство во Европската Унија.

Се разговараше за остварување проекти во следниот период во повеќе области – земјоделство, бизнис, родова еднаквост, што ќе значи континуитет на поддршка и пријателство.

Присутните соговорници се согласија дека интензивната меѓусебна комуникација и размената на искуства придонесуваат кон приближување на државите и народите на Шведска и Северна Македонија.

Текстот Гаши – Форнавре: Односите меѓу Шведска и Северна Македонија се темелат на заемно разбирање, доверба и почитување е превземен од МАКФАКС.