Претседателот на Собранието, Африм Гаши, денес оствари средба со украинската амбасадорка во Република Северна Македонија, Лариса Дир. На средбата стана збор за состојбата во Украина во однос на целосната руска агресија, како и можностите за натамошно унапредување на соработката меѓу Собранието на Република Северна Македонија и Врховната Рада на Украина.

Гаши ја потврди безрезервната поддршка за Украина, нејзиниот суверенитет и територијален интегритет, како и напорите за воспоставување на сеопфатен, праведен и траен мир во земјата. Тој се осврна на плодната соработка меѓу двата парламента, на билатерален и мултилатерален план, како и улогата на пратеничките групи за пријателство и соработка. Гаши, исто така, го подвлече значењето на Интерпартиската парламентарна група на Собранието на Република Северна Македонија за поддршка на Кримската платформа.

Амбасадорката Лариса Дир се заблагодари за севкупната поддршка и за досегашната помош од нашата земја и изрази очекување дека тие ќе продолжат и во иднина. Таа нагласи дека поддршката од пријателските земји е од особено значење за Украина и украинскиот народ. Во таа насока, амбасадорката информираше за претстојните меѓународни состаноци на кои се очекува учество на високи претставници од нашата земја, меѓу кои и Четвртиот парламентарен самит на Меѓународната кримска платформа, што ќе се одржи во ноември годинава во Стокхолм.

Претседателот Гаши и амбасадорката Дир се осврнаа и на европската интеграција на двете земји и можностите за соработка на ова поле. Тие се согласија дека Северна Македонија и Украина имаат одлични билатерални односи, со голем потенцијал за натамошно унапредување на соработката во различни полиња од заемен интерес.