Претседателот на Собранието на Република Северна Македонија, Африм Гаши, оствари средба со Ли Јиан, генерален директор за европски прашања во Министерството за надворешни работи на Народна Република Кина.

Посакувајќи му добредојде во законодавниот дом од името на пратениците, претседателот Гаши истакна дека и покрај географската оддалеченост, билатералните односи остануваат срдечни и продолжуваат да се развиваат во духот на меѓусебно разбирање, почитување и конструктивна соработка.

Тој ја повтори посветеноста на државата на принципот на „Една Кина“, односно признавањето на Владата на Народна Република Кина како единствена легитимна влада на кинескиот народ и признавањето на Тајван како неотуѓив дел од кинеската територија.

Понатаму, претседателот Гаши информираше дека парламентарното мнозинство останува цврсто фокусирано на реализација на клучните стратешки цели кои се непроменети од нашето осамостојување, односно напредок кон отворање на преговори за полноправно членство во Европската Унија.

Двајцата соговорници се сложија дека иако соработката на билатерално ниво дава опипливи резултати во широк спектар на сектори – има простор за продлабочување на односите во областа на туризмот, културата и трговската размена. Беше нагласен и континуираниот придонес на Кинеската амбасада во Скопје за развојот и унапредувањето на односите меѓу двете држави.

Исто така, беше потенцирано дека Пратеничката група за соработка со Парламентот на Народна Република Кина, која се формира во Собранието во сите досегашни мандати, е форум за воспоставување, негување и продлабочување на потесни меѓупарламентарни врски и размена на мислења за сите аспекти на законодавната работа меѓу меѓу двете држави.

Генералниот директор за европски прашања му врачи на претстедателот Гаши честитка од неговиот хомолог, Џао Леџи, претседател на Постојаниот комитет на Секинескиот народен конгрес.

Текстот Гаши – Јиан: Билатералните односи со Кина во духот на меѓусебно разбирање, почитување и конструктивна соработка е превземен од МАКФАКС.