Владимир Перев
2. Злосторниците и судбината
Злосторствата во Кадрифаково и Гарван се поврзани со причинско последична врска, каузалитет во служба на злосторот, наместо да биде како инструмент на правдата. Тука е најважна судбината на двајцата извршители, низ сликата на трагедијата на жртвите.
Војводата Иван Јанев Брло е легендарна личност во историјата на ВМРО. Роден е 1877 година во Горни Балван. Влегува во ВМРО и од 1907 година е војвода во Штипско. Води многу борби против чети на Српското четничко движење. При разоружувачката акција на младотурците на 2 август 1910 година властите ја изгореле неговата куќа во Горни Балван. При избувнувањето на Првата балканска војна, Брло е војвода на штипската чета при Македоно-одринското ополчение, а подоцна служи во Тринаесеттата кукушка дружина.
По окупацијата на Вардарска и Егејска Македонија од Србија и Грција, Иван Брло се вклучува со четата во отпорот на ВМРО. На 31 јануари 1915 година во Мечкуевци, Штипско, неговата четата се бори со српските сили, на 2 февруари при Жиганци се бори со потера, во борбата над 30 лица се убиени и повредени. Во март е опколена од жандармерија во кочанското село Чешиново, четниците се пробиле со бомби предводени од Брло кој држел јатаган во раката. Неколку српски жандарми биле убиени, а двата коња на српските офицери се заробени и прикажани во Струмица како трофеи. Подоцна четата дава уште борби со српските сили. При влегувањето на Бугарија во Првата светска војна во ноември 1915 година четите на Иван Брло и Ефрем Миладинов заедно со месната милиција даваат голема борба на српските војници и не им дозволуваат да го ограбат Штип.
Тоа се деловите од неговата биографија, достапни секому. Познато е дека бил суров и насилен, вршел рекет врз сите-македонци, власи или турци, земал пари за Организацијата но и за себе си. Противник на српската превласт во Вардарска Македонија, на 16 јануари 1923 година го врши колежот на српските колонисти во с. Кадрифаково и со тоа ја прекинува колонизацијата во тој дел од Македонија. Учествува во познатата Ќустендилска акција на ВМРО заедно со војводата Панчо Михајлов, врши атентат и го убива бугарскиот министер за внатрешни работи, во земјоделската влада на Стамболиски, Александар Димитров. Во неговата чета, четник бил и Владо Черноземски, кој ќе се прослави со атентатот врз кралот Александар Караѓорѓевиќ.
Животот го завршува неславно. Убиен е 1925 година во близина на Ќустендил, по наредба на Иван Михајлов, а пресудата му е донесена заради своеволие, насилствено однесување кон народот во неговиот крај и несоодветен личен и организационен морал. Донел наредба да се ликвидира невин човек, само заради тоа што неговата убава жена му била љубовница на Брло. Ванчо Михајлов не можел да премине преку таков недостаток на морал и организациона етика, па наредил да биде ликвидиран.
Проблемот со српските колонисти, не само во Кадрифаково, ами и воопшто, останува како синорен камен и во одлуките на македонската влада по 1944 година. Методи Андонов-Ченто, Бане Андреев-Ронката како и некои други членови на тогашната власт во Македонија, бараат стриктна забрана за враќањето на колонистите во Македонија. Некои од нив навистина се вратија, некои беа и обештетени, но судбината на Ченто, Ронката како и дел од македонското раководство, преку случајот со колонистите беше запечатена.
Злосторникот Добрица Матковиќ е роден 1887 година во село Шарани, каде и завршува основно образование. Гимназија завршува во Белград и веднаш стапува на служба во полицијата. И нему, како и на Брло, не може да му се одрече херојската нотка во карактерот. За време на Првата светска војна се бори заедно со татко му, заедно ја поминуваат Албанската голгота, стигнуваат на Крф, за подоцна татко му да почине од изнемоштеност во Бизерта. За време на војната, Матковиќ дипломира право на Парискиот универзитет, а потоа заминува за Лондон каде што специјализира управа и администрација. Во Белград се враќа кон крајот на војната. Има завидна кариера низ цела тогашна Југославија, секаде запаметен по злосторствата. Во Битола бил жупан и таму го наредува убиството на Панде Суџов и Мицо Солаков. Панде Суџов е дедо на големиот македоно-бугарски патриот Панде Ефтимов, заслужниот за зачувување на Битолската плоча на Иван Владислав. Матковиќ одлично говори англиски, француски и германски јазик и е автор на многу статии во меѓународни списанија. Носител на повеќе високи југословенски и француски одликувања.
За време на својата служба во Македонија, а и подоцна како заменик министер за внатрешни работи на Југославија, Матковиќ се труди не само политички, туку и физички да ги ликвидира попознатите членови на бугарските семејства во Македонија. Патува често во Софија, на средба со српскиот дипломат-разузнавач Танасије Диниќ, како и со предавниците од бугарското воено-полициско милје низ Софија. За дебели пари, црпи информации за подцна да ги реализира во Македонија. Го малтретирал и д-р Асен Татарчев, а на сослушување во Белград била повикувана и неговата жена Марта Татарчева, како и сестрата на Асен, Светлана Татарчева Љапчева,. Сепак, зад Марта стоело тогаш моќното француско-швајцарско лоби, а пак самата Светлана е снаа во семејството на моќниот бугарски премиер Андреј Љапчев, па не успеал до крај да ја реализира својата замисла за убиството на Асен. За него имам и семејни спомени. Се потокмил и на татко ми, тогаш судија и секретар на Апелација во Белград, Харалампи Перев, ама заштитата на хрватските националисти и на Влатко Мачек, ги оневозможила неговите намери. Оние несреќници во с. Гарван немало кој да ги штити, останале заборавени и од Бога…за нив само ВМРО и Ванчо Михајлов се сеќавале.
Матковиќ е административно пензиониран со сите почести, во навечерието на Втората светска војна и се повлекува да живее мирен живот во своето село. За време на војната учествува во големиот митинг во село Ба, кој означува поддршкана четничкото движење на Дража Михаиловиќ. По војната е привлечен од страна на комунистичката власт и е член на парламентот, каде држи говор во подршка на Јосип Броз Тито. Му се нудат големи функции, но тој одбива да стане член на Комунистичката партија на Југославија и затоа одново се повлекува во своето село Шарани. Таму и умира, 1973 година, на свои 85 години, а закопен е со највисоки југословенски почести. Во својот крај и до денешен ден важи за добродетел и голем донатор.
Тоа е животот на двајца клучни луѓе во една епоха, така живеет и така до завршуваат својот животен пат. И двајцата се обвинувани за злосторства. Брло го стигнува казната од неговите надредени…со таа казна, Ванчо Михајлов ја зачувува честа на Организацијата, која во еден момент дејствувала како вистинска држава. Вториот, Добрица Матковиќ ги преживува сите сцили и харибди на времето и на две држави на иста територија. Тој живее и умира со почести, надевајќи се дека неговите злосторства се заборавени, избришани од времето, или селектирани од заборавот. Не е така. Злосторот никогаш не може да биде заборавен, само времето дава можност, со насилствени методи, историјата да биде покриена со црн превез на несознанието. Иначе, заборав нема. Тоа го знаат сите во Србија, кои барем малку се интересираат за судбината на својата земја. Ваквата Србија, вака компонирана, нема никакви шанси да биде приклучена кон европските ценности. Вучиќ тоа го знае најдобро, затоа и го држи курсот кон Путиновата Русија, со надеж дека сепак времето ќе поработи за него, како и до сега. Србија не може без Европа, а Русија е само времена лага со далекусежни последици. Затоа, доаѓаат сметките кои треба да се платат на Хрватска, а Бугарија и покрај сите пароли за “братска љубов“ со Србија, нема намера да отстапи од своите права во Западните покраини и во Македонија. Само е прашање на време.
Ние македонците, мислам ВМРО, ги ликвидиравме предавниците и насилниците во нашите редови. Оние кои останаа живи, секојдневно се изложени на ѕидот на срамот, како политички, така и национален.
Еден ден, некој, било кој председател на Србија ќе мора да се соочи со злосторствата на политиката на својата држава. Тоа се злосторства кон бугарите, албанците, хрватите, унгарците, германците и ред други народи на двете Југославии. Не е важно кој ќе биде тој председател. Тогаш, во тој миг, за Гарван и за сите други злосторства ќе треба да го даде своето мнение. Од тоа ќе зависи неговиот пат и патот на Србија кон Европа, а цензори и судии ќе бидат сите народи од ексЈугославија и сите соседни држави. Србија треба да помине низ сопственото чистилиште…