Сега е најдобро време заеднички да се работи. Тука сум да пратам јасна политичка порака од нашето политичко семјество, втората најголема политичка група во Европскиот парламент со над 150 пратеници, но и со осум комесари во Европската комисија. Тука сум да ја поддржам оваа нова динамика во процесот на пристапните преговори, порача европратеничката и лидерка на Прогресивната алијанса на социјалистите и демократите во ЕП Ираче Гарсија Перез на заедничка прес-конференција со премиерот Димитар Ковачевски.

Таа истакна дека прашањето на уставни измени е од национален интерес и оти не е време за партиски игри.

„Кога зборувате за уставните измени морам да бидам јасна, затоа што тоа е суверена одлука, избор за граѓаните и за Собранието на Северна Македонија. Сега не е време да се игра со партиски прашања. Сега е време да се сфати дека национален интерес е да се работи на ова и сигурна сум дека оваа одговорност ќе биде во рацете на различни актери што ги имаме во овој момент,“ истакна Гарсија Перез, која е во официјална посета на Скопје.

Европратеничката оцени дека уставните измени се важни и тоа не е во интерес на Владата, туку во интерес на граѓаните и за државата и оти во ова прашање опозицијата мора да има јасна позиција.

„Партиските интереси оставете ги на страна, а на прво место ставете ги националните интереси. Северна Македонија припаѓа на европското семејство, иднината е во ваши раце“, порача европратеничката.