Пишува: Никица Корубин
Кулминацијата на фикциите, со кои упорно се храни јавноста, поврзани со (сите) меѓународни договори и обврски на кои се обврзала државата, ќе беа пара-комични, да не беа крајно сериозни последиците. Па, оттаму ова горчливо потсмевање со самите себе добива димензија на вистинска трагедија, по примерот на античките изведби. Иако, жанрот на комедија многу посуптилно ги отсликува карактерните моменти на тоа (или ова) време. И во стилот на “deus ex maxina” што точно сакаат да ни порачаат нашите локални “божества”, кога се “симнуваат на сцената” и го окупираат јавниот простор?
После сите “креативни толкувања” во итарпејовски манир, на кои бевме изложени како граѓани, сите овие години, особено после усвојувањето на уставните амандмани произлезени од Преспанскиот договор и дефинитивното етаблирање на независната држава Северна Македонија во меѓународниот поредок, надвор од пост-југословенските реминисценции; полека се исцрпува репертоарот “зошто се’ уште не сме ги почнале преговорите со ЕУ” и се отвора сижето “зошто (се’ уште) не сакаат да ги почнеме преговорите со ЕУ”. Нашите локални “божества” кои по потреба се “спуштаат” на сцената по примерот на античката комедија. Или трагедија, сеедно.
Па, после сите сатанизации, компромитации и релативизации на Преспанскиот договор, Договорот со Бугарија и усвоената Преговарачка рамка; кои варираа во распонот од флагрантни манипулации до отворени негации, од секаков “идентитетски” жанр – “името го сменивме, знамето го сменивме, историјата ја дадовме”, на кое како во најдобра претстава се надоврза “ритуалното уништување на преговарачката рамка, преку нејзино репреговарање, и одложено дејство на уставните измени, “атериравме” на фамозните “гаранции”, поврзани со обврските од “лошиот и предавнички договор” со Бугарија.
Ваквиот жанровски миш-маш исцрпи толку енергија од општеството, што е вистинско чудо, што стратешкиот интерес, ЕУ членството и понатаму е број еден приоритет за граѓаните, како единствена шанса за нормално и функционално општество. И покрај сите “егзибиции и бравури” изведени на сцената. И сиот вложен труд, тоа да не биде “вољата на граѓаните” која нашата партократија, нели беспоговорно ја следи.
Па, контаминирани од преголема доза на дневна манипулација и предрасуди, тешко рациото се пробива до логичните прашања. На пример, каква врска има влегувањето на Бугарите во нашиот устав, по примерот на другите “делови од народи”, официјален и формален услов произлезен од преговарачката рамка; со “гаранциите” од непознат формат и содржина (чиниш станува збор за некоја магична тајна), кој исто така треба да “бидат дадени” од недефинирана страна. Некој да ги даде.
“Тргуваме” ли ние со овој услов од сферата на човековите права или “се ценкаме” како на пазар? Ние вам “вашите Бугари” во устав, вие нам “гаранции”. Уште да се обзнанеше најголемата тајна: “гаранции за што (или кого)”, па да ја спуштиме завесата на сцената. На нашите животи и иднина. Освен што Бугарите се еднакво наши граѓани, како и “гаранциите” со непознато потекло.
И каква врска има дали овој услов “бил или не бил дел од Договорот со Бугарија”? За кој патем речено, заедно со Преспанскиот договор, во последните заклучоци, Советот на ЕУ, не’ потсетува дека треба во целост да бидат исполнети. Кој нас ќе ни даде гаранции, како граѓани, дека избраните носители на јавни функции доследно ги исполнуваат обврските на државата, која ја сочинуваме сите? И не’ претставуваат сите нас, а не самите себе.
Оттаму, клучно е оваа лоша претстава да заврши. Да го видиме конечно крајот. И да видиме што всушност сме гледале сите овие години. Трагедија или комедија. Од крајот ќе зависи и исходот. Причината зошто “претставата” трае толку долго и дали нашите “божества” од “deus ex maxina” ќе бидат транспарентни на сцената или конспиративни позади неа. За да може ние гледачите, да имаме гаранции дека ја гледаме вистината, а не илузијата. И уште поважно дека ја живееме таа вистина.