Пишува: Никица Корубин

Во вртлогот на изјави што изминативе неколку години, ги слушаме за стратешките договори, како алатка за блокирање на евроинтеграциите, почнувајќи од Преспанскиот договор, па продолжувајќи со Договорот со Бугарија (иако хронолошки е обратно); кулминацијата е сепак Преговарачката рамка – односно жаргонски кажано – “може во НАТО, ама не може во ЕУ”; и магичниот збор “гаранција”.

После уставните измени на почетокот на 2019 година, динамиката на јавниот дискурс драстично се промени. Параванот на “нерешавање на проблемот со името”, јасно дефиниран од 1995 година, падна, па реално и објективно не остана причина поради која нашите партиско/партократски елити би се “криеле”, за неотпочнување на преговорите со ЕУ. Особено, после усвојувањето на преговарачката рамка во јуни 2022 година од страна на Советот на ЕУ и во јули 2022 година од страна на Владата и Собранието на Северна Македонија.

И токму тогаш стапува на сцена, “гаранцијата”:

“Промената на Уставот, кажав дека нема да се случи. Гаранција е зборот на 44 пратеници од коалицијата на ВМРО-ДПМНЕ. Не се фокусираме ние на тоа, ние се фокусираме на преговарачката рамка каде е вметнат протоколот.” – Христијан Мицкоски, јули 2022 година.

Ова, до ден денес е единствената “гаранција”, која е дадена, а не е побарана и која ефективно и доследно се остварува. Но, кон кого всушност е упатена оваа “гаранција”? На, кого ВМРО-ДПМНЕ тогаш опозициска, а сега владеачка партија “им гарантира” дека промена на уставот нема да има? На сопствените граѓани или на ЕУ?

Следејќи ја логиката на три годишното интензивно “барање на гаранции од ЕУ” – кои варираат од отстранување на билатерални до генерални “пречки” на патот кон ЕУ – би се рекло дека “гаранцијата” е упатена кон ЕУ. Контра-гаранција. Која би можеле да ја сублимираме и претпоставиме како: “ако вие не ни гарантирате дека нема да има нови пречки, ние ви гарантираме дека нема да го промениме уставот”.

Тоа, што оваа претпоставка повеќе звучи како закана, е само поради перцепцијата. Како што е перцепција и чувството дека, на овој начин “на ЕУ повеќе и треба Северна Македонија, отколку на Северна Македонија, ЕУ”. Во стил на квази-месијанството од соседството, за “самоважноста” во однос на светот.

Но, ако оваа гаранција е упатена кон граѓаните, што всушност ним, односно на сите нас ни’ се гарантира? Односно, ако владата во наше име, “бара гаранции” од ЕУ, за нашата европска иднина, кои гаранции таа нам ни ги дава, за нашата европска (и било каква) иднина? Што да прават граѓаните со “гаранцијата” дека “нема да има промена на уставот”?

Освен што се легитимира прекршувањето на партнерството со ЕУ, обврската за апсолутна примена на меѓународното право, сериозноста и кредибилноста на државата, меѓу другото и членка на НАТО, генерално и особено во период на драматични гео-политички тубуленции; оваа гаранција, всушност не е гаранција, туку опасност. Опасност за сопствените граѓани.

Дали со оваа “гаранција”, ќе имаме функционален систем и владеење на правото, какви што би имале при процесот на преговори, со ЕУ? Дали ќе имаме ефективна борба против корупцијата, каква што би имале со независните механизми на ЕУ? Дали ќе имаме, поголем економски потенцијал и бенефит, со земјите од ЕУ или без земјите од ЕУ? Дали идентитетот и културното наследено ќе бидат повеќе заштитени со стандардите на ЕУ или без стандардите на ЕУ, или без било какви стандарди?

Па, која е тогаш “гаранцијата” која власта ја дава на граѓаните на сопствената држава, поради која и таа е власт; за личниот живот, колективниот на заедницата и на самата држава и нејзината иднина? Од сите фрази и флоскули, изречени во предизборен, изборен или постизборен контекст, никој никогаш не рече нешто за “гаранциите” кои тие ги даваат, надвор од стратешкиот пат кон ЕУ. Но, затоа беа изречено стотици небулози, и лажни ветувања како она на “гарантите на европскиот пат”, албанската коалиција ВЛЕН:

“Тој процес (заб. уставните измени) сепак, ќе биде малку побавен од тоа кога сме барале време од шест месеци, изјави Муртезани во интервју во „Топ тема“ на ТВ Телма. – Орхан Муртезани, министер за европски прашања.

Па, затоа, додека еврокомесарката за проширување Марта Кос, по кој знае кој пат, во име на ЕУ, го кажува ставот “за гаранциите кои Северна Македонија ги бара”; и е во посета на соседна Бугарија, како една од клучните ЕУ членки за интеграцијата на балканските земји во ЕУ (и ние како прв сосед) – “никој не може да и даде гаранции на Северна Македонија ако сега го смени Уставот, дека повеќе нема да има пречки на европскиот пат” – добро е за промена, нашите власти на сопствените граѓани да им ги кажат нивните “гаранции” за државата, поради кои добиле доверба на изборите.

Или тој “процес е малку побавен”, како што би рекол Муртезани, ако воопшто и постои. Затоа, што “гаранцијата” во основа е “обврска која треба да биде исполнета” – и оттаму всушност гаранцијата од нас може да биде побарана, но не и дадена. Затоа што ние имаме обврска, да ги исполниме критериумите на ЕУ, кој значат подобар живот за сите нас, во нормално и функционално општество. И ниту една “замена на тези” нема тоа да го промени. Затоа што, всушност, најголемата гаранција за нас, и како граѓани и како држава, е токму членството во ЕУ.