Улогата на централните банки е многу важна, особено во вакви кризни времиња. Напорите за водење прудентна монетарна политика придонесуваат за услови за ревитализација на македонската економија.
Ова беше истакнато на состанокот на британската амбасадорка, Рејчел Галовеј и гувернерката на Народната банка, Анита Ангеловска-Бежоска, на кој се разговараше на теми поврзани со економската состојба во нашата земја.
На состанокот, како што соопштија од Кабинетот на гувернерката, Ангеловска-Бежоска се осврна на најновите макроекономски проекции на Народната банка според кои се предвидува економски раст од 3,9 посто во тековната и наредната година, додека за 2023 година се очекува раст од 4 отсто.
Во однос на инфлацијата, со оглед на последните расположливи податоци, гувернерката посочи дека очекувањата на Народната банка се дека таа би се задржала на умерено ниво и би изнесувала околу 2,2 отсто за 2021 година, а следната година би се намалила на околу два проценти, со што би се задржала ценовната стабилност. Истовремено, гувернерката се осврна и на мерките и одлуките што беа донесени во изминатиот период заради справување со ефектите од здравствената криза и ја истакна важноста од соработката со меѓународните финансиски институции, вклучително и во однос на обезбедувањето соодветни извори на финансирање на економијата.
– Британската амбасадорка Галовеј и гувернерката Ангеловска-Бежоска изразија цврсти заложби за продолжување и продлабочување на соработката, се наведува во соопштението.