Во близина на селото Страцин, во источниот дел на Република Северна Македонија, беше одбележана 81-годишнината од учеството на Бугарија во завршниот етап на Втората светска војна, јавува БТА, пренесува Трибуна. Свештеник од Православната црква на Северна Македонија одслужи заупокојна молитва за загинатите бугарски војници во борбите кај Стражин и Страцин во октомври 1944 година.

Страцинско-Кумановската операција претставува офанзивна операција на бугарската армија за време на нејзиното учество во Втората светска војна. Таа е изведена во периодот од 8 октомври до 14 ноември 1944 година, при што животот го загубиле над 1000 бугарски војници. Со особен хероизам се истакнала Падобранската дружина при Првата бугарска армија, која учествувала во борбите за освојување на Стражинската позиција на патот кон Скопје.

Делегацијата од Бугарија ја предводеше полковник Иван Рајков, заменик-командант на Заедничката команда за специјални операции (ЗКСО). Во составот беа војници од ЗКСО, претставници на Сојузот на ветераните од војните на Бугарија – меѓу нив и 100-годишниот мајор во пензија Тодор Андонов и 99-годишниот полковник во пензија Анани Христов, претседател на Сојузот. Присуствуваа и членови на Сојузот на падобранци на Бугарија, Сојузот на офицери и наредници од резервата предводени од генералот во пензија Златан Стојков, како и претставници на Сојузот на воени инвалиди и воено-настрадани, предводени од Емил Гуџев. На настанот беа присутни и роднини на ветерани кои учествувале во операцијата кај Страцин.

На церемонијата присуствуваа и амбасадорот на Бугарија во Северна Македонија Желјазко Радуков, дипломати од бугарската мисија во Скопје и претставници на здруженијата на бугарската заедница во земјата.

„Оваа година одбележуваме 80 години од крајот на учеството на Бугарија во последната голема војна – почеток на мир кој не беше подарен, туку извојуван. Мир извојуван од бугарската армија, особено тука – од Падобранската дружина. Денес, Бугарската армија продолжува да биде гарант на мирот и суверенитетот на нашата татковина“, истакна амбасадорот Радуков во своето обраќање.

„Денес, во подножјето на легендарниот врв Стражин, ја одбележуваме 81-годишнината од првиот борбен ден на Падобранската дружина – ден исполнет со херојство, болка и безпримерна верност кон татковината. Се поклонуваме пред делото на овие херои“, додаде полковник Иван Рајков, заменик-командант на ЗКСО.

За активната соработка во зачувувањето на воената меморија, амбасадорот Радуков, ЗКСО и бугарскиот воен и воено-воздухопловен аташе во Северна Македонија, Асен Ламбев, добија јубилеен медал „80 години од победата над хитлерофашизмот 1945–2025“. Одликувањата ги врачи полковникот во пензија Анани Христов, претседател на Сојузот на ветераните од војните на Бугарија.

Венци и свежо цвеќе положија претставници од Амбасадата на Бугарија во Скопје, од Заедничката команда за специјални операции, од Сојузот на офицерите и наредниците од резервата, од Сојузот на бугарските падобранци, како и роднини на загинатите бугарски војници во битките кај Стражин и Страцин.

Галеријата погледнете ја овде.