Бугарскиот национален празник 3 Март за поредна година ги собра хотелот „Александар Палас “во Скопје претставниците на македонските Бугари, политичари, дипломати и бизнисмени, пријатели на Бугарија.
На приемот по повод националниот празник, организиран од Амбасадата на Бугарија, присуствуваа министерот за европски прашања на Северна Македонија Орхан Муртезани, вицепремиерот Изет Меџити, министерот за здравство Арбен Таравари, заменик министерот за надворешни работи Зоран Димитровски и др.
Амбасадорот на Бугарија во земјава, Желјазко Радуков, им посака добредојде на гостите, истакнувајќи ја потребата од развој на билатералните односи.
„Овде е местото во говорот на секој амбасадор да посвети внимание на подобриот развој на билатералните односи со државата домаќин. Кога ќе ја земеме во предвид моменталната специфика на нашите односи тоа не е лесна задача. Додека го подготвував овој говор се обидував да најдам можност барем да се пошегувам со оваа ситуација. Забележав дека токму жешките спорови на нашите граѓани во социјалните мрежи им дадоа шанса да разберат дека можат да се навред…пардон да комуницираат без преведувач. Некој ќе каже дека во ваква сериозна тема нема место за шеги. Но токму вештината да се шегуваме самите со себе е директно поврзана со нашата умешност да бидеме самокритични. Само со искрен критички поглед врз себе и врз сопствените грешки можеме да стигнеме до искрен и успешен дијалог.Верувам дека ние го имаме капацитетот да се шегуваме, од тоа следува дека го имаме и капацитетот да изградиме една иднина во која задачата на мојот наследник нема да биде толку тешка“, изјави тој.
Радуков посочи дека Бугарија го продолжува својот успешен развој: „Го потврдивме своето трето место во табелата на економиите на Балканскиот Полуостров, по нашите блиски пријатели од Романија и Грција. Станавме полноправен член на Шенген зоната. Нашиот надворешен јавен долг како процент кон бруто домашниот производ остана најнизок во Европската унија. Инфлацијата е совладана на годишно ниво од околу 2,5%. Цврсто чекориме кон влез во еврозоната, нешто за кое што се надевам дека ќе можам да ви се пофалам на нашиот следен прием, по само една година“.
Дипломатот одвои два фактори: „Првиот е извонредната вештина на бугарскиот народ да се прилагодува кон секој еден предизвик, да е подготвен за компромиси, доследно и фокусирано да се стреми кон навидум далечни цели.
Вториот фактор е последица на првиот- членството во Европската унија. Ние не го сфаќаме ова членство само преку можностите на заедничкиот пазар или со веќе се помалку важните за нашата економија кохезиони фондови. За нас, тоа членство е отелотворено од подготвеноста на бугарската држава да функционира согласно воспоставените од Унијата правила и норми, т.е да биде предвидлив и надежен партнер.
Не само за останатите држави членки туку и за своите сопствени граѓани. Тоа гарантира економски и социјален развој дури и во услови на политичка драма“.
Амбасадорот Радкуков истакна дека предвидливоста и почитувањето на европските правила и вредности се сè поважни во брзо менување на безбедносното опкружување.
„Тоа се клучни услови за зачувување на европското единство во секој аспект на контактите на Унијата со околниот свет, вклучително за постигање на праведен и гарантиран мир во пријателска Украина“, заклучи тој.
Галеријата погледнете ја овде.