Билјана Митева беше избрана за нова претседателка на Македонско-бугарската стопанска комора, која што денес во Скопје го одржа своето годишно собрание, јавува БТА, пренесува Трибуна.

Бугарскиот амбасадор во Република Северна Македонија, Ангел Ангелов, почетокот на претстојниот мандат на претседателот на комората го нарече голем тест.

„Во декември во Софија ќе се одржи форум со бизнис претставници од двете земји, на кој треба да се привлечат заинтересирани компании од двете земји. Според статистиката за првите осум месеци од годинава има раст на извозот од Бугарија во Северна Македонија за 5,6 отсто, растот на извозот од Северна Македонија во Бугарија е 8,2 отсто, а вкупната трговска размена меѓу двете земји во 2023 година се очекува да надмине 1 милијарда евра, што за прв пат беше остварено минатата година“, истакна амбасадорот Ангелов.

За Билјана Митева, преземената одговорност да биде претседател на комората е предизвик, а она што ги поврзува не само претставниците на бизнисот во двете земји треба да биде во фокусот на нејзината работа, бидејќи „заедно можеме да направиме многу повеќе од една милијарда „ на комерцијална размена.

„Бизнисот без граници не е само предизвик за сите нас, туку и инспирација за новите генерации. Очекувам поддршка да докаже дека и жените можат многу да направат во бизнисот“, посочи Митева.

Митева има над дваесетгодишно искуство во управување со компании со различни дејности. Таа е управител на „Екопроект-КО Кочани“, компанија која организира систем за селекција и рециклирање на безопасен цврст отпад и има лиценца за оваа дејност. Во деловното портфолио на новиот претседавач на Македонско-бугарската стопанска комора се БМ ДОО, која обезбедува преведувачки услуги и курсеви по англиски јазик за деца и возрасни, холдинг компанија за управување со недвижности, производство и трговија, обуки и семинари, јавни истражувања и др. Таа е активен член на Еколошкото друштво „ЕКО Тим Исток“ во Кочани и учествува во управните одбори на различни типови компании, вклучително и странски компании во Северна Македонија, а има и награда за најуспешна жена претприемач за источниот и југоисточниот региони на Северна Македонија.

Развојната програма на Македонско-бугарската стопанска комора, презентирана од Билјана Митева, е под мотото „Бизнис без граници“ и претставува патоказ за поддршка, промоција и обезбедување можности за развој на бизнис секторот во двете земји со целта на создавање подобра бизнис клима и минимизирање на политиката во бизнисот.

Намерите на Митева се поврзани со зголемување на бројот на членови на комората, со цел проширување на можностите за нови деловни практики во двете земји, учество во изборот на учесници на економски форуми и конференции во двете земји, во реализација на проекти финансирани под програми за прекугранична соработка, меѓународни организации и државни фондови, редовна организација на конференции и семинари за олеснување на партнерства и состаноци меѓу компаниите од двете земји, соработка со владини агенции за промоција на можностите за инвестирање во двете земји и поддршка на деловните инвестициски процеси во двете земји, иницирање заеднички проекти за унапредување на трговијата, туризмот и културната размена.

На годишното собрание на Македонско-бугарската стопанска комора на предлог на почесниот претседател на комората, Зоре Темелковски договорено да се формира генерален совет составен од претходните претседатели.

„Важно е Македонско-бугарската стопанска комора да продолжи да нуди решенија во интерес на економијата и бизнисот на двете земји. Приближувањето преку економијата е најдиректен начин за решавање на проблемите и со минимизирање на политиката во деловните односи“, изјави поранешниот претседател на Македонско-бугарската стопанска комора Кирил Лазаров.

На годишната средба денеска, покрај амбасадорот на Бугарија во Северна Македонија, Ангел Ангелов, генералниот конзул на Бугарија во Битола, Николај Димитров, дипломати од бугарската амбасада, присуствуваа претставници на Бугарско-македонската стопанска комора, Стопанската комора на РС Македонија и други партнери на организацијата.

Македонско-бугарската стопанска комора е формирана во 2011 година, согласно Законот за стопански комори во Република (Северна) Македонија, а во неа моментално членуваат 15 компании и фирми од двете земји. Нејзини главни приоритети се промовирање на економските врски меѓу различни компании од двете страни на границата, поврзување на заедничките интереси на нејзините членки и промовирање на подобрување на нивната работа, како и унапредување и зголемување на институционалната трговија меѓу двете земји.

Галерија од настанот погледнете на следниот линк.