Во галеријата на Бугарскиот културно-информативен центар во Скопје вчера попладне беше отворена изложбата „Бисерите на Малиот битолски Монмартр“, а воедно со тоа беше откриена и новата учебна година на бугарското неделно училиште „Здравеј“ во Скопје, јавува Трибуна.

На настанот свои обраќања имаа амбасадорот на Република Бугарија во Скопје Желјазко Радуков, директорката на БКИЦ Скопје Антонија Велева, Славчо Неделковски, претседател на УО на Детското ликовно студио „Свети Кирил и Методиј“ од Битола и Илијана Атанасова, раководител на Бугарското неделно училиште „Здравеј“.

Воведните зборови беа на директорката на БКИЦ Велева. Во својот говор таа ги поздрави присутните и раскажа за самата изложба и нејзината важност и уметничка тежина. Амбасадорот Радуков им посака успешна учебна година на децата од БНУ „Здравеј“ и исто така го изрази својот восхит од уметничките дела на учесниците во детската ликовна колонија „Мал битолски Монмартр“. Славчо Неделковски, кој заедно со Елена Хаџи Антоновска се главните виновници детската ликовна колонија да продолжува со своите активности, сподели детали од самиот процес на создавање на изложбата. Неделковски се заблагодари на бугарското Министерство за надворешни работи, на Министерството на културата на Бугарија и на Фондација „Бугарска памет“ за помошта, која ја обезбедиле за да може оваа најстара детска ликовна колонија во светски рамки да продолжи да постои. Директорката на БНУ „Здравеј“ Илијана Атанасова исто така ги поздрави децата со почетокот на новата учебна година и изрази благодарност за поддршката што неделното училиште ја добива во текот на своето работење.

Неделковски од името на организаторите на „Мал битолски Монмартр“ му додели признаница на бугарскиот амбасадор Радуков и подари уметничко дело создадено за време на самата колонија на директорката на БКИЦ Антонија Велева.

Изложбата претставува селекција од 20 дела на 15 млади автори од различни држави, наградени на годишниот конкурс на Светската детска ликовна колонија, организирана од Детското ликовно студио „Свети Кирил и Методиј“ – Битола. Оваа година во Битола, во периодот од 23 до 31 мај, учествуваа над 150 ученици. Во рамки на колонијата, тие секојдневно по осум часа цртаа мотиви од охридските градби, манастирот „Свети Јован Бигорски“, како и обележја од Битола.

На изложбата се вклучени дела на млади уметници од Бугарија, Албанија, Босна и Херцеговина, Израел, Индија, Турција, Малезија, Полска, Србија, Словачка, Република Северна Македонија, Хрватска, Црна Гора и Чешка. Настанот е дел од успешното реализирање на 44-то издание на Светската детска ликовна колонија, финансирана од Министерството за надворешни работи на Република Бугарија преку програмата „Оперативна помош за развој“ за Република Северна Македонија.

Галеријата погледнете ја овде.