Во Бугарскиот културно-информативен центар – Скопје синоќа беше отворена заедничката изложба „Животот е шарен“, на ликовните уметнички од Бугарија и РС Македонија Весела Величкова и Донка Топузовска-Зографска, јавува Трибуна.
Изложбата беше отворена од директорката на Бугарскиот културно-информативен центар во Скопје Антонија Велева.
„Сигурна сум дека оваа изложба ќе има голем успех и ви посакувам, во иднина да учествувате во уште заеднички изложби, а зошто да не и во самостојни“, изјави Велева во своето обраќање пред отворањето на изложбата.
Донка Топузовска-Зографска ја изрази својата благодарност до својата колешка и пријателка Весела Величкова и до Бугарскиот културно-информативен центар за можноста да ги изложи своите дела.
„Прво сакам да се заблагодарам за поканата на мојата пријателка Весела и на Бугарскиот културно-информативен центар, за можноста да учествувам во оваа изложба. Почнав да цртам во позрели години, иако тоа беше мој детски сон. Идејата да го остварам овој сон беше на мојот сопруг. Му благодарам на моето семејство, на моите деца, на моите мајка и сестра и пријателите од кои имав многу голема поддршка “, изјави Донка Топузовска- Зографска.
Весела Величкова изрази надеж дека оваа изложба ќе биде инспирација и за други млади ликовни уметници.
„Идејата на оваа изложба е дека секој поминува низ различен вид емоции, не само позитивни, туку и негативни. Сите тие емоции го прават животот многу пошарен“, изјави Величкова.
Изложбата беше посетена од голем број љубители на ликовната уметност и пријатели на Бугарија. Изложбата ќе биде отворена до 24 јуни.
Галеријата погледнете ја овде.