Министрите за финансии на Групата седум најразвиени економии се очекува денеска да ги потврдат плановите за ограничување на максималната куповна цена за откуп на руската нафта во глобалната трговија, со цел да се намалат приходите на Москва, која води војна во Украина, но и за ублажување на притисокот врз енергетскиот пазар.
„Веројатен е договор“, рече европски претставник на Г7, додавајќи дека не се знае колку детали ќе бидат откриени, како што е нивото на горната цена за барел над кој земјите кои се придржуваат до договорот ќе одбијат финансирање и осигурување за танкери на руска сурова нафта и товар.
Британскиот министер за финансии Надим Захави вчера во Вашингтон рече дека се надева оти министрите за финансии на Г7 „ќе имаат изјава што ќе покаже дека е можен побрз напредок кон оваа цел“.
Портпаролката на Белата куќа, Карин Жан-Пјер вчера одби да ги коментира плановите за ограничување на цените на Г7.
„Ќе слушнеме повеќе в петок за тоа како ќе функционира ова, преку партнерство со нашите сојузници во Г7. Веруваме дека ова ќе биде начин навистина финансиски да ја погодиме Русија“, рече портпаролката на Белата куќа.