Земјите од Западен Балкан ѝ припаѓаат на Европа и работиме на тоа, а паралелно, ги доближуваме нивните економии и пазари до нашите, изјави Урсула Фон дер Лајен по средбата со балканските лидери во Брисел. Премиерот Христијан Мицкоски, пак, побара процесот на интегрирање во рамките на Европската Унија да се темели на постигнувања, а не на билатерализација, односно на билатерални прашања.
„Интеграцијата во Европската Унија треба да биде процес во кој одлучувачки фактор ќе бидат постигнувањата, а не билатералните прашања, бидејќи ние повеќе не можеме да прифаќаме ултиматуми и за нас е неприфатлив принципот „тие се таму, а вие сте надвор“, порача Мицкоски во Брисел.
Политичкиот аналитичар, новинар, и уредник на Нова ТВ – Зоран Иванов, вели дека вадењето, оправдувањата со „билатерални спорови“ и бла, бла, е само вадење, оправдувања, фрлање прав само да не зачекориме на ЕУ патот.
– Премиерот како да се амбицирал да ја дисциплинира Вавилонката. Да ја превоспита да си се држи до своите принципи. Но таа тоа и историски и сега никогаш не го правела. Посебно не кон слабите и немоќните. Оттука, таа негова политичка линија е утка. Од незнаење или со намера. Почнувам да се сомневам во второво. Патем, за „гаранции“. Исто така чисто блефирање што ме упатува на втората претпоставка дека оваа влада воопшто не сака да почне да чекори кон ЕУ. Не сака да почне преговори, изјави Иванов за „Фронтлајн“.
Стравот, додава нашиот соговорник, дека Бугарија ќе нè стопирала на патот на преговорите е нереален и од една проста причина што нам на тој пат на располагање ни стојат две моќни алатки.
– Доколку навистина се остваруваат претпоставките на Мицкоски и неговите и Бугарија постојано нешто мрмка и блокира во текот на нашите преговори, посебно за теми кои не се ЕУ теми како историјата, учебниците, јазик, идентитет, а притоа ЕУ тоа само немо би го набљудувала, тогаш ние во секој момент можеме преговорите да ги замрзнеме па и да објавиме дека ги прекинуваме. Па затоа, теоријата на претпоставки дека Бугарија ќе нè блокирала па преговорите не ги почнуваме, воопшто не држи вода. Сепак, како нешто друго да е во прашање, истакна тој.
Ивон Величковски – лидер на Движењето за нова република, поранешен пратеник и лидер на Либералната партија вели дека сите пораки на премиерот се познати и во Брисел и во Скопје. Затоа, очекувано, потенцира нашиот соговорник, тој даваше изјави за домашните медиуми, но нема изјава од негов соговорник.
– Едноставно, Брисел ја пресретна намерата на Владата на Мицкоски да ја искористи посетата за домашна агресивна анти-интегративна пропаганда и стави до знаење дека ЕУ не остапува од познатото: ЕУ е нема нови обврски за Северна Македонија, Скопје преговара со Брисел, патеката е договорена: дополнување на Преамбулата и продолжување на преговорите. ЕУ го дебилатеризираше спорот меѓу Скопје и Софија токму со Преговарачката рамка и „францускиот предлог“ и ова ги ужаснува и Мицкоски и Муцунски и Силјановска-Давкова и ова раководство на ВМРО-ДПМНЕ. Имено, токму уставните дополнувања не се дел од билатерален спор туку обврска на Северна Македонија на патот кон ЕУ. Но, на овие интервенции во Преамбулата ние гледаме првостепено како постигнување на граѓанска рамноправност на сите етнички заедници во земјата и засилување на нацијата на Северна Македонија, а ако сакате да зборуваме сегментирано – и на македонскиот народ и на сите други народи во неа, вели Величковски во изјава за „Фронтлајн“.
Според него, кочејќи ги уставните измени ВМРО-ДПМНЕ ги саботира (перспективите на) македонскиот народ за кој вели дека го „штити“ и нацијата на Северна Македонија во целост.
– Во отсуство на резултати на Владата и при вака обемен Пи-аР, Мицкоски и ВМРО-ДПМНЕ се свесни за опаѓањето што им се случува во четвртиот месец од владата и знаат дека во вака стеснет маневарски простор имаа две опции: да признаат дека целата предизборна кампања им била фалшива, но да го водат евро-интегративниот процес или да го „копаат ровот сè подлабоко“ кочејќи ги интеграциите на Северна Македонија. Сега за сега, нивниот избор е второто. Едноставно, Мицкоски ќе се движи по прирачникот на Груевски: оддалечување од интеграциите надвор, меѓуетнички тензии дома. Сетете се на ставовите на Груевски, на пр. пред Чикаго 2012, дека „НАТО се води од двојни стандарди“ и на се она што се случуваше во доменот на меѓуетничките односи. Споредете го сега Мицкоски со критиките на „правилото на еден глас“ што го оценува како „ултиматум“ и гледајте како се врши упад во меѓуетничките односи со суспендирањето на „балансерот“, анализира Величковски.
Нашиот соговорник предвидува дека ВМРО-ДПМНЕ со Мицкоски ќе инсистира на позиционирање на земјата како „жртва“ – затоа што е решен да го закочи процесот.
– Споредете ги позициите на Мицкоски со изјавата на Рама: „Отидов во Брисел да им кажам дека Албанија е подготвена да направи се за да ја придвижи земјата кон полноправно членство“ и јасно е дека Владата на Северна Македонија оди на одвојување од пакетот за преговори со Албанија, а Владата на Албанија е подготвена самостојно да продолжи во интеграциите. Свесни за ова, предвидливо е дека ВМРО-ДПМНЕ (сосе ЗНАМ) ќе ги кочат уставните дополнувања, но сите знаат дека тоа е можно само додека ВЛЕН им дава поддршка во правецот и позициите, подвлече тој.
Политичкиот аналитичар Дритон Зенку вели дека билатералните спорови ги држат балканските земји во заложништво. Според него, факт е дека меѓусебните спорови на балканските држави се пречка во интегративните процеси.
Изјавата на Мицковски, подвлекува тој, е популистичка поради фактот што Европската Унија има критериуми и не дозволува во Унијата да се вклучат држави кои се оспорувани од земјите членки.
– Во ЕУ нема простор за кавги. Северна Македонија е посветена на билатералниот договор со Бугарија со посредство на ЕУ и не е во позиција да го отфрли доколку сака да започне преговори за членство. Мицковски ги покажува своите „мускули“ кон Бугарија која има право на вето и кон Европската Унија каде што РСМ сака да се интегрира. Нема никаква политичка смисла улогата на апликантот да ги диктира правилата. Работникот кој аплицира за работа не дава услови туку ги исполнува критериумите поставени од работодавачот. Во овој случај услов е промена на уставот, изјави Зенку за „Фронтлајн“.
Европската комисија лани го промовираше Планот за раст на Западниот Балкан во чии рамки е формиран и Инструмент за раст и реформи, вреден шест милијарди евра наменети за реформи и проекти поврзани со социо-економската сфера и основните права. Целта на планот е жителите и економиите на земјите од Западниот Балкан да ги почувствуваа придобивките од членството во ЕУ уште пред зачленувањето во Унијата.
При презентацијата на овој план, на земјите од регионот јасно им беше кажано дека доколку не спроведат реформи по една или две години, таа сума ќе биде распределена на други земји.
Преку Планот за раст за Западен Балкан, ЕУ планира да додели околу 6 милијарди евра за земјите од овој регион во периодот од 2024 до 2027 година. Од оваа сума, две милијарди ќе бидат неповратни грантови од ЕУ, додека остатокот ќе биде во форма на поволни заеми.
Целта е да се помогне економскиот раст и со тоа да се забрза процесот на европска интеграција на овој регион. Со Планот за раст за Западен Балкан, ЕУ има намера двојно да ја зголеми економијата на земјите од регионот во следните десет години.
Корисници на овие средства се сите земји од регионот: Косово, Албанија, Северна Македонија, Црна Гора, БиХ и Србија.
Планот исто така има за цел да ја промовира регионалната соработка и развој на заеднички пазар во регионот, кој постепено би се интегрирал во заедничкиот пазар на ЕУ.
Според претставниците на ЕУ, планот во никој случај не е наменет за да биде алтернатива за проширувањето на ЕУ, туку да го олесни членството на овие земји во ЕУ.