Доколку образовниот процес на студентите четири години се одвивал на јазик различен од македонскиот, во овој случај на албански јазик, тие мора да можат да го полагаат и правосудниот испит, кој е на некој начин завршен дел од образованието во таа област – кривична, правна, граѓанска. Во спротивно, тие студенти би биле дискриминирани при полагањето на правосудниот испит во однос на колегите чиј мајчин јазик е македонскиот, доколку испитот треба да го полагаат само на македонски јазик. И тука, во таа смисла, завршува дебатата, изјави во интервју за Нова проф. д-р Љубомир Фрчкоски, дoлгогодишен професор на Правен факултет „Јустинијан Прима“ при Универзитет „Св. Кирил и Методиј“, Скопје, декан на ФОН, амбасадор на Република Северна Македонија во Њујорк.

Нова ТВ: Како ја оценувате дебатата околу можноста правосудниот испит да се полага на албански јазик?

Фрчкоски: Отворањето на можноста правосудниот испит да се полага на албански јазик добива димензии кои се политички, најчесто како линија на судир меѓу широчината на употребата на албанскиот јазик и официјалната употреба на македонскиот јазик. Тоа нормално добива политички димензии и во Владата, а судирот се претвора во нешто што во никој случај не треба да стане, и веројатно има перспектива да се заостри.

Нова ТВ: Дали ова прашање треба да се врзува со Законот за употребата на јазиците и постапката пред Уставниот суд?

Фрчкоски: Мислам дека, независно од тоа, и не сакам сега да го коментирам Законот за употребата на јазиците, кој е во постапка пред Уставниот суд, а на кој се повикуваат оние што го оспоруваат правото правосудниот испит да се полага и на албански јазик, меѓу кои е и министерот за правда, треба директно да се задржиме на уставните и законските можности и аргументи. Тие укажуваат дека правосудниот испит може да се полага на јазикот на кој лицето, односно кандидатот, го водел своето правно образование.

Нова ТВ: Со што конкретно е поврзан правосудниот испит – со вработувањето или со образованието?

Фрчкоски: Правосудниот испит се поврзува со претходното правничко образование на кандидатите што сакаат да го полагаат, а не со тоа каде тие евентуално утре би биле вработени или би работеле. Значи, тој не се поврзува со судските, адвокатските или нотарските инстанции, ниту со самите судски постапки, туку со образовниот процес.

Нова ТВ: Што значи тоа за студентите кои студирале на албански јазик?

Фрчкоски: Доколку образовниот процес на студентите четири години се одвивал на јазик различен од македонскиот, во овој случај на албански јазик, тие мора да можат да го полагаат и правосудниот испит, кој е на некој начин завршен дел од образованието во таа област – кривична, правна, граѓанска. Во спротивно, тие студенти би биле дискриминирани при полагањето на правосудниот испит во однос на колегите чиј мајчин јазик е македонскиот, доколку испитот треба да го полагаат само на македонски јазик. И тука, во таа смисла, завршува дебатата.

Нова ТВ: Дали одземањето на ова право претставува дискриминација?

Д-р Фрчкоски:Одземањето на правото правосудниот испит да се полага на албански јазик, односно на јазикот на кој тие се образувале, претставува дискриминација и е неуставна категорија. Ова право на полагање правосуден испит е, де факто, приватно право на студентите и не се поврзува со тоа каде тие ќе работат во судовите.

Нова ТВ: Како одговарате на аргументот дека судските постапки се водат на македонски јазик?

Фрчкоски: Аргументот дека судските постапки се водат на македонски јазик не е релевантен во овој контекст. Државата не им обезбедува и не им гарантира вработување во судовите или како адвокати на овие кандидати, па од таму да произлегува обврска да го знаат македонскиот јазик поради работата во судските постапки.

Исто така, мислењето на Венецијанската комисија дека целосната двојазичност на судските постапки би ја довела постапката во апсурд и дека не е применлива, се однесува на судските постапки, а не на полагањето на правосудниот испит. Судските постапки можат да останат претежно на македонски јазик, со право лицето да зборува на својот јазик и да има обезбеден преведувач. Но тоа воопшто не значи дека и правосудниот испит мора да биде само на македонски јазик. Таквиот притисок во основа претставува дискриминација.

Нова ТВ: Што треба да се направи со законот и дали постои ризик од „лавина“ барања?

Фрчкоски: Правосудниот испит не треба да се полага само на македонски јазик. Законот треба да се повлече и да се измени во насока на овозможување полагање и на јазикот на заедницата која сочинува најмалку 20% во Република Македонија.

Стравот на предлагачот дека ова може да предизвика „лавина“ барања – на пример, испити за државни службеници или за јавна администрација да се полагаат на албански јазик – е неоправдан. Правосудниот испит се врзува за процесот на образование и за приватното право на студентите да го завршат тој процес со полагање на испитот. Тој не се поврзува со тоа каде тие ќе работат, повторувам.

Законот за државна администрација, пак, се поврзува со тоа каде лицата конкурираат и кои услови мора да ги исполнат во рамките на државната администрација, како што е знаење на македонски јазик за државни службеници. Таму има логика испитот да се полага на македонски јазик и да се бара познавање на македонскиот јазик. Но во правосудната сфера, односно во полагањето на правосудниот испит, таква врска со вработувањето нема. Затоа ова прашање се поврзува исклучиво со образованието и со јазикот на кој студентите го стекнале своето образование на правните факултети.