Опозициските партии се противат на испраќањето на Љубомир Фрчковски за амбасадор во ОН во Њујорк. Го нарекуваат дипломатски скандал.
Од ВМРО-ДПМНЕ велат дека претседателот Стево Пендаровски, кој ја донесе одлуката за новата функција на Фрчковски, ја прекршил процедурата.
Алијанса за Албанците го памети Фрчковски како албанофоб и непожелна личност за САД.
„Како идеолог на СДСМ и поранешен министер за полиција, тој ги користеше истите методи на прислушување како Груевски и беше сценарист на масакрот кај Бит Пазар, аферата со оружје и многу други епизоди на угнетување на Албанците, за кои никогаш не одговори. За време на војната во 2001 година, ширеше „милошевички и геноцидни“ тези повикувајќи на протерување на Албанците преку Јадранот. Во последните години тој јавно ги опиша Албанците како „племиња“. И третото, можеби најсериозното во дипломатската сфера, има врска со фактот дека Фрчковски е персона нон грата или непожелен во САД“, рече Арбен Таравари, АА.