Доминик Пелико, чии сексуални злосторства против неговата поранешна сопруга го шокираа светот, повторно е под истрага за одделни случаи на силување и убиства кои датираат со децении, пишува „Њузвик“.

Доминик Пелико (68) отслужува 20-годишна затворска казна затоа што ја дрогирал сопругата и дозволувал другите да ја силуваат речиси една деценија. Од октомври 2022 година, тој исто така е под официјална истрага во врска со два одвоени случаи во кои се вклучени жени чии семејства чекаат правда од 1990-тите.

Жизел Пелико стана хероина поради достоинството и храброста што ги покажа кога се откажа од анонимноста за јавно да сведочи против нејзиниот сопруг и мажите кои ја силуваа. Таа тогаш изјави дека срамот за своите постапки треба да го сносат сторителите, а не таа.

Доминик Пелико денеска беше сослушан од истражен судија специјализиран за нерешени случаи. Властите ја истражуваат неговата можна поврзаност со убиството на Софи Нарме, агент за недвижности убиена во Париз во 1991 година, како и обидот за вооружено силување на друга агентка за недвижности во Париз во 1999 година, каде полицијата пронашла траги од неговата ДНК при злосторството.

Пелико негираше каква било поврзаност со убиството на Софи Нарме, но призна дека се сретнал со жената од случајот во 1999 година, иако ги негираше обвиненијата за обид за силување. Во септември 2022 година, властите ги споија двата случаи и ги доделија на француската специјализирана единица за нерешени случаи со седиште во Нантер, во западните предградија на Париз. Оваа единица, која се фокусира на сериски злосторства и тешко решливи случаи, сега ја истражува можната вмешаност на Пелико.

„Треба да бидеме претпазливи. Можеби некој друг го извршил злосторството против Софи Нарме. Но, постојат големи сличности во начинот на работа и начинот на кој сторителот им пристапил на жртвите, а самите жртви се толку слични. Можеме легитимно да прашаме многу прашања“, рече адвокатката Флоренс Раулт.

„Тој тврди дека нема никаква врска со настаните околу Софи Нарме“, рече Беатрис Заваро, адвокатка на Доминик Пелико. Сепак, таа го потврди неговиот контакт со агентот за недвижности од Вилепарисис: „Тој призна дека бил во контакт со таа млада жена. Впрочем, неговата ДНК е таму, така што нема спор околу тоа. Тој призна дека имале расправија и се обидел да се соблече. И ја соблекол, но неговата намера не била да се обиде да ја силува“, додал адвокатот.

Се очекува Пелико да продолжи да соработува со истражителите, но неговата можна вмешаност во овие злосторства останува под истрага. Единицата за нерешени случаи ќе процени дали тој може да биде обвинет во врска со убиството и обидот за силување на Софи Нарма во 1999 година. Доколку биде прогласен за виновен, затворската казна може да му биде продолжена.