Франција почна кампања за нова десетмесечна доброволна национална воена служба, а првите учесници ќе почнат со обука во септември годинава. Програмата, која во ноември ја претстави претседателот Емануел Макрон, е отворена за сите млади француски државјани, пишува „Ројтерс“.
Службата е наменета за лица на возраст од 18 до 25 години кои сакаат да придонесат за способноста на нацијата да се спротивстави во небезбедна средина, изјави на прес-конференција началникот на Генералштабот на вооружените сили, генералот Фабиен Мандон. Овој потег е дел од поширок тренд во Европа, каде што земјите ги преиспитуваат своите одбранбени стратегии поради загриженоста околу променливите приоритети на Соединетите Американски Држави под претседателот Доналд Трамп, како и поради, како што се оценува, поагресивниот став на Русија.
Од септември, 3.000 млади лица ќе се приклучат на армијата, морнарицата или воздухопловството за извршување мисии на француска територија. Планирано е бројот да се зголеми на 4.000 во 2027 година, а потоа да достигне 10.000 учесници годишно до 2030 година.
Учесниците ќе добиваат надомест од околу 800 евра месечно, а нивните задачи ќе опфаќаат широк спектар активности – од помош при природни катастрофи и антитерористички надзор, до работни позиции како оператори на дронови, пекари, механичари, електричари и медицински персонал.
По завршувањето на програмата, учесниците ќе можат да се вратат во цивилниот живот, да станат резервисти или да останат во вооружените сили. Министерката за одбрана Катрин Вотрен изјави дека ова го одразува „долгорочниот развој на војската кон хибриден модел“.
Се очекува програмата во 2026 година да чини 150 милиони евра, а вкупните трошоци за периодот од 2026 до 2030 година се проценуваат на 2,3 милијарди евра.
Фото: pexels
Текстот Франција ги повикува младите на десетмесечна доброволна воена служба е превземен од МАКФАКС.






















