Франција започна да испушта 40 тони хуманитарна помош од воздух во Газа, повикувајќи го Израел да дозволи целосен пристап до областа.
„Соочени со апсолутна итност, штотуку спроведовме операција на испуштање хуманитарна помош од воздух во Газа. Благодарност до нашите јордански, емиратски и германски партнери за нивната поддршка и до нашиот воен персонал за нивната посветеност“, напиша францускиот претседател Емануел Макрон на социјалната платформа X.
„Испуштањето хуманитарна помош од воздух не е доволно. Израел мора да дозволи целосен хуманитарен пристап за да се намали ризикот од глад“, додаде тој.
Италија, пак, има намера да евакуира болни палестински деца од Појасот Газа за да им обезбеди медицинска помош, изјави министерот за надворешни работи Антонио Тајани.
Тајани рече дека Рим подготвува план за воздушен транспорт на 50 лица, вклучувајќи возрасни кои ќе ги придружуваат децата.
Тој, исто така, објави планови според кои Италија ќе им се придружи на земјите што доставија помош од воздух во Газа, но не прецизираше конкретен датум за нивно спроведување.
Авиони управувани од Израел, Јордан и Обединетите Арапски Емирати од неделата, кога Израел почна да дозволува повеќе помош во затворените територии по месеци речиси целосна блокада, испуштаат палети со хуманитарна помош од воздух.
Германија и Франција, исто така, денесја почнаа да испуштаат помош од воздух, поради предупредувањата за претстојниот глад во Газа, иако Обединетите нации и другите агенции за помош ги критикуваа таквите мерки како во голема мера симболични, тврдејќи дека е многу поевтино и поефикасно да се достави помош по копно.
Покрај тоа што дозволува испуштања од воздух, Израел, исто така, дозволи влез на 200 камиони дневно од ОН и други агенции од неделата.
Фото: ЕПА
Текстот Франција почна со достава на хуманитарна помош од воздух во Газа е превземен од МАКФАКС.