Познатиот француски леб багет е додаден на списокот на нематеријално културно наследство на Обединетите нации. Багет е долгнавест француски традиционален леб направен само од брашно, вода, сол и квасец.

Одлуката ја донеле експерти на Обединетите нации за образование, наука и култура (УНЕСКО) кои оваа недела се сретнаа во Мароко.

Годинава под претседавањето на Мароко, Одборот за нематеријално културно наследство УНЕСКО од 28 ноември до 3 декември разгледува 56 номинации за вклучување на пописот на нематеријално наследство.

Француското Министерство за култура претходно предупреди на „постојано намалување” на бројот на традиционалните пекари. Во последните 50 години околу 400 пекари се затвораат секоја година.

Шефицата на УНЕСКО, Одри Азулеј изјави дека со оваа одлука не е оддадена почит само на францускиот леб, туку и на занаетчиските пекари и „древниот ритуал”.

– Важно е дека овие занаетчиски знаења и друштвена практика можат да продолжат да постојат и во иднина, додаде поранешната француска министерка за култура.