Пишува, Дојче Веле
Македонската јавност е информирана дека разговорите со Софија сѐ уште се водат врз основа на португалскиот предлог, а извори упатени во процесот неофицијално велат дека има „француски предлог“.
Советници од француското Министерство за надворешни работи, а потоа и советник од кабинетот на францускиот претседател Емануел Макрон, во изминатиот период биле на средби во Скопје и Софија, тврдат за ДВ дипломатски извори. Овие средби во дискреција не се третираат како изненадувачки, со оглед дека француското претседателство со Советот на ЕУ се ближи кон крајот, а се уште траат напорите да се обезбеди зелено светло за почеток на пристапни преговори на Северна Македонија (и Албанија) со ЕУ.
Но, вчерашните шпекулации на бугарската агенција Бгнес, која се повикува на разговори од Коалицискиот совет на 27-ми мај меѓу партнерите во бугарската влада, ја кренаа темпратурата во РСМ. Медиумот објави дека претседателот и премиерот на Бугарија, Румен Радев и Кирил Петков, заедно со претставник на бугарското МНР ќе одат на средба со францускиот претседател, за да го одобрат предлогот на Емануел Макрон за укинување на ветото за преговорите на РСМ со ЕУ. Бгнес објави изјава на неименувано лице дека за време на разговорите во Коалицискиот совет „од Владата информирале дека француското претседателство ветило оти ќе ги вклучи сите бугарски барања во преговарачката рамка и дека нивното спроведување ќе го гарантира самиот Макрон“.
„Испраќањето” на претседателот и премиерот кај Макрон, весникот „24 часа“ го оцени како невистинито, со став дека тоа е „нечија интрига, но не е јасно кој е нејзиниот автор“. Весникот се повика на извори од бугарската влада, кои изјавиле дека „не може да стане збор за заедничка средба на Петков и Радев“.
Невидливиот француски предлог
Домашни извори упатени во разговорите меѓу Скопје и Софија, за ДВ неофицијално велат дека постои т.н. француски предлог, при што за македонската страна е битно билатералните прашања да останат надвор од преговарачката рамка, а за бугарската страна е важно да има гаранции на она што евентуално би се договорило меѓу Софија и Скопје. Досега домашната јавност немаше сознанија дека постои наводен „француски предлог”, ниту што предвидува тој, со оглед дека во изминатиот период властите тврдеа дека се разговара врз основа на португалскиот предлог.
Од власта нема коментар на медиумските шпекулации во Бугарија, а од опозициската ВМРО-ДПМНЕ тврдат дека немаат никаква информација.
„Немаме информации за евентуален француски предлог. За жал ниту има било каква информација од страна на владата во Македонија, за разлика од која, бугарската на пример, го информира тамошниот државен врв за секој понатамошен чекор, барајќи консезус. Најнепосакувано сценарио би било дел од бугарските барања да станат дел од преговарачката рамка“, велат од опозициската ВМРО-ДПМНЕ.
Ковачев: Гаранција да биде преговарачката рамка!
Но, од политички кругови во Бугарија доаѓаат токму такви барања, а во контекст на шпекулацијата за наводната средба кај Макрон. Европратеникот Андреј Ковачев, кој е заменик-председател на ЕНП, порача дека Бугарија не може да прифати како гаранција ниту една усна или писмена декларација од името на претседателот на Франција, Емануел Макрон, ниту на претседателката на ЕК, Урсула фон дер Лајен или кој било друг, бидејќи тоа не е никаква гаранција.
„За нас гаранција може да биде само ако нашите точки од Рамковната позиција и од Декларацијата на бугарскиот парламент, како и елементите од Договорот за пријателство и добрососедство, бидат вклучени во преговарачката рамка, која ќе биде прифатена од сите земји-членки“, изјави бугарскиот европратеник за Бгнес.
За РСМ е прифатливо спротивното: прашањата за кои спорат Софија и Скопје да останат надвор од преговарачката рамка, бидејќи во спротивно ќе се направи исклучително лош преседан и за сите идни земји кандидати. На ова во март предупредија Институтот за демократија (ИДСЦС) и Институтот за европска политика (ЕПИ), преку документ кој имаше цел да ја информира општата и политичка јавноста за суптилностите кои евентуалниот компромис со Бугарија мора да ги земе предвид.
„Недозволиво е внесување механизам за следење или спроведување на Договорот во преговорите (преку Преговарачката рамка). Во ваков случај, тој механизам би станал услов за текот на преговорите и процесот би се претворил во диктат од страна на Бугарија за исполнување услови кои немаат никаква врска со правото на ЕУ. Ова целосно би го фрлило во сенка процесот на реформи кои произлегуваат од стандардите и правото на ЕУ, па како резултат на тоа, процесот на европеизација би се претворил во процес на бугаризација и трајно би го уништил угледот и влијанието на ЕУ во земјава“, се потенцира во документот.
Додека португалскиот предлог го вметнува мониторингот на спроведувањето на билатералниот компромис во Советот за стабилизација и асоцијација, Софија бара тој механизам да биде дел од првиот кластер Темели, што прв се отвора и последен се затвора и ќе го претвори преговарачкиот процес во неподносливо измачување.
„Повеќето земји членки се противат, бидејќи со тоа се загрозува преговарачкиот процес и неговата суштина европеизацијата, правејќи исклучително лош преседан за сите идни земји кандидати. Владата не смее да прифати ваква билатерализација на пристапниот процес што преговорите со Брисел ќе ги сведе на задоволување на Софија. Во тој случај, напредокот ќе зависи, на пример, не од борбата против корупцијата туку од проценките на Софија за резултатите од Комисијата за историско-образовни прашања. Пристапниот процес мора да значи воведување на европските стандарди дома, а не воведување на бугарскиот наратив или идентитет“, посочија од ЕПИ и ИДСЦС.
Генчовска: Не преговораме, следи формална средба
Во моментов во Бугарија владее и разногласие за разговорите со Северна Македонија. Додека официјални владини лица изјавуваат дека „прашањето е оставено да го решаваат дипломатите – низ експертски и политички преговори на двете министерства за надворешни работи”, шефицата на бугарската дипломатија, Теодора Генчовска вчера демантираше дека има какви било преговори, а следната средба на експертските тимови од двете земји ја нарече „чисто формална“.
„Не, не преговараме. Она што сега го правиме, се подготвуваме за официјална посета на експертските тимови меѓу МНР на Бугарија и МНР на РСМ. Сметаме дека веќе е дојдено време да ги намалиме напрегањата од двете министерства за надворешни работи, и чисто формално да одиме да го посетиме експертскиот тим на РСМ на реципрочна основа“, изјави Генчовска.
Таа потсети дека последните разговори со експертскиот тим од Скопје се одржале на 11-ти февруари, но не бил постигнат напредок кој би послужил како основа за следен круг на консултации.
Во меѓувреме во Софија расте впечатокот дека се под засилен надворешен ангажман за укинување на ветото. Европратеникот од групата на социјалистите, Петар Витанов, вели тоа го заклучил од неговите меѓународни средби во последните недели.
„Вистината е, дека има многу големи очекувања и затоа има сериозен притисок врз нашата земја. Но, дури и премиерот и владата да имаат голема желба да го симнат ветото, тоа не може да се случи, бидејќи владата ќе падне ако нема суштински пробив во односите меѓу двете земји“, изјави Витанов во интервју за „Еуроњуз“.
Според него, „не може да има преформатирање на бугарската позиција за РСМ во Консултативниот совет за национална безбедност, бидејќи тоа е второстепенен орган“. Европратеникот изрази уверување дека прашањето за РСМ нема биде доведено во врска со актуелни прашања од интерес на Бугарија.
„Сакам да верувам дека не треба да има поврзување на прашањето за Северна Македонија со танкери, со Планот за одржлив развој или со Шенген. Не може да има тргување со овие работи, бидејќи станува збор за клучна одлука со исклучително широк јавен одзив (…) Прашањето со Северна Македонија веќе е поврзано со она на Украина, која се бори за брза писта за ЕУ. За да се случи тоа, мора да се даде перспектива на Западен Балкан – на Северна Македонија и Албанија“, рече Витанов, нагласувајќи дека раздвојување на двете земји во процесот не би било добро, бидејќи тоа ќе доведе до дестабилизација во регионот.
Тој смета дека ЕУ треба да гарантира дека ќе има билатерно решение, но ако самата ЕУ наметне решение – тогаш ќе има отпор од бугарското општество кое ќе се запраша – зошто е под нов притисок.