Министерот за надворешни работи, Бујар Османи на својот Фејсбук профил пишува дека во ова време на предизвици, сепак убава вест претставува демонстрацијата на европската солидарност.
„По помошта од која пристигна од земјите – членки на ЕУ: Австрија, Словенија, Романија и Бугарија, како и од соседна Србија, од утре и Франција ни се приклучува во напорите за гаснење на пожарите во земјава.
Утре наутро, на располагање ќе имаме тројца Генерали од пожарникарната служба на Франција, кои се едни од најдобрите експерти за високо ризични пожари. Помошта од Франција ќе биде надополнета и со високо софистицирана опрема сочинета од дронови со француски пилоти/оператори, кои многу ќе помогнат во делот на идентификување, мапирање и рано информирање на подрачјата потенцијални жаришта на пожари, како важен дел од севкупната операција за сузбивање на пожарите.
Вклученоста на Франција доаѓа заради нивната висока експертиза во гасењето на вакви шумски пожари, а како резултат на успешната координација на нашата дипломатска мрежа. Солидарноста и помошта од нашите сојузници во овие кризни моменти е повеќе од добредојдена во надминување на кризата, а воедно преставува и вистински израз на европската солидарност“, пишува Османи.