Француската актерка Корин Масиеро ги шокираше гледачите на филмските награди „Цезар“, кога се соблече гола за време на доделувањето на наградата за најдобар костимограф, пишува Би-Би-Си.

Масиеро се искачи на сцената на концертната сала во Париз, облечена во магарешки костум и фустан облеан со крв. Актерката потоа го соблекла костумот и фустанот, покажувајќи две протестни пораки што ги напишала на своето голо тело.

„Нема култура, нема иднина“, беше напишано на нејзините гради и стомак, а на нејзиниот грб беа испишани зборовите: „Врати ни ја уметноста, Жан“.

„Жан“ што таа го споменува во пораката е всушност францускиот премиер Жан Кастекс. Би-Би-Си пишува дека киносалите во Франција се затворени повеќе од три месеци.

За време на доделувањето на наградите, бројни уметници ја повикаа француската влада да ја поддржи културата која е особено погодена од пандемија.

„Моите деца можат да одат во бутик, но не можат да одат во кино, што е несфатливо“, рече сценаристот Стефан Демустиер кога ја прифати наградата за најдобро сценарио која притоа ја нарекуваат и „францускиот оскар“.

Стотици актери, режисери, музичари, филмски работници, критичари и бројни други културни работници протестираа во декември 2020 година против затворањето на културните институции.

Црната комедија на Алберт Дупонтел „Збогум, морони“ беше наградена со „Цезар“ за најдобар филм.