Ова е место каде напуштените кучиња добиваат дом, многу љубов и грижа.
Можно ли е во ограничен простор да се собере неограничена љубов, безусловна посветеност и бескрајно позитивна енергија? Јас ова место го доживеав токму така. Во хотелот за домашни миленици во скопско Бардовци, место кое наголемо се урбанизира, но ова катче останува посветено на својата првична мисија – вистинска грижа за животните.
Оние кои чуваат миленици, веројатно ќе разберат за што зборувам, а на останатите, преку овој видео разговор, ќе се обидеме да ви го доближиме домот на Димитар Луневски-Чипо, кој го дели со многу риби, желки, морски прасиња, птици, папагали и кучиња. Иако, ова е хотел за миленици, стандардите во истиот не наликуваат на класичните хотели каде милениците оставени на чување речиси целиот ден го поминуваат затворени како во кафилерија.
Нашиот кунг-фу мајстор, наместо во боксови, кучињата ги чува во двор, а за птиците се труди да создаде максимално поволни услови, бидејќи тоа не се птици кои ги земал да ги чува во кафез, туку ги спасил од неодговорно сопствеништво.
Иста е и приказната со неколкуте кутриња кои во моментов ги има згрижено. Сопствениците ги оставиле на пансион и никогаш не се вратиле по нив, но треба да знаат дека тие се среќни во овој рај за животните каде живеат со многу љубов, грижа и посветеност.
За самосвесноста, за односот на луѓето кон уличните и домашните миленици, за љубовта која сите ние ја имаме, само треба да ја разбудиме, за сите нешта кои мислиме дека се невозможни, а Чипо со личен пример ни го покажува спротивното, погледнете го видеото!