Денот на младоста во Југославија се славеше на денешен ден – 25 мај, датум што е прогласен за роденден на Јосип Броз Тито, иако тој е роден на 5 мај. На Денот на младоста низ цела Југославија се носеше Штафетата на младоста, учесниците ја носеа во рацете и трчаа со неа низ цела Југославија, а на 25 мај му ја врачуваа на Тито.
Штафетата на младоста е воведена во 1945 година на предлог на младината на Крагуевац, како Титова штафета. Првите штафети Тито ги преземал во Загреб, а во годините по 1956, лично ги примал последните носители на штафетата пред Белиот двор во Белград, со свечен дочек на плоштадот.
На иницијатива на Тито во 1957 година настанот е наречен Ден на младоста.
Штафетата на младоста во 1980 година, која во пресрет на одбележувањето на 88-от роденден на Тито, на 4 мај, денот на неговата смрт, се затекнала на патот низ Хрватска, го прекинала својот пат и положена е на неговиот одар.
Сите штафети што се носени во текот на 42 години, се чуваат во Музејот на Југославија во Белград.
Последната Штафета на младоста се носеше во 1987 година, а околу нејзиниот дизајн и денес се шират различни теории, според кои таа донекаде го навестила распадот на Југославија, па поради тоа и денес привлекува посебно внимание, пишува „24 Сата.хр“.
Таа година дизајнот на штафетата и идејното решение на плакатот за Денот на младоста му било доверено на љубљанското дизајнерско студио „Нов колективизам“.
И самата штафета, во облик на градба на четири столба, која било тешко да се носи, навестувала поинаков пристап на членовите на „Нов колективизам“ за споменатата манифестација.
Скандалот избил кога е откриено дека плакатот за Денот на младоста е всушност незначително изменета верзија на нацистичкиот плакат на Ричард Клајне од 1936 година.
„На почетокот апсолутно никој не ја препозна поврзаноста. Прво Словенското младинско претседателство се идентификуваше со нашиот плакат, а после тоа и целата младинска организација на Југославија. И тогашните генерали беа задоволни. На нив тоа многу им се допадна. Добро се сеќавам на еден генерал кој изјави дека му е мило што на постерот има мускулесто момче, а не некоја апстракција. Но кога поврзаноста е откриена, настанаа проблеми. Бевме изненадени што се подигна таква прашина, сите весници пишуваа за тоа. Тоа не ни беше логично бидејќи знаевме колку на генералите и на другите претставници на тогашниот еднопартиски режим плакатот им се допадна“, го појаснил овој настан Роман Урањек, член на „Нов колективизам“ во проектот „ВласТИТО искуство“ (Културен центар РЕКС и Самиздат Б92).
Кога станало јасно дека ова решение на словенечката уметничка група не може да се употреби, за потребите на одбележувањето на Денот на младоста во 1987 година, дополнително е изработен нов плакат.
Што се однесува до штафетата, таа била од пластика, иако дотогаш сите штафети биле правени од благородни материјали. Залудно уметниците се обидувале да објаснат дека пластиката го симболизира футуризмот. „На нож“ било дочекано и тоа што на врвот на штафетата стојат 8 црвени точки, кои требало да ги симболизираат републиките и покраините во Југославија. Некои тоа го толкувале како закана дека во југословенските републики и покраини ќе протече крв и навестување за настаните кои следеа на просторите на бивша Југославија во деведесеттите години.